Вести Свет Топ вести

Унгарија продолжува да се движи кон источната сфера на влијание – Орбан домаќин на лидери на земји од централна Азија и Западен Балкан

Атлетскиот муднијал што деновиве се одржува во Будимпешта е покритие за премиерот Виктор Орбан за бројни билатерални средби со претседатели на неколку централноазиски држави, но и од Западниот Балкан, во унгарската престолнина, испраќајќи сигнали за континуираното движење на земјата кон источната сфера на влијание. Емирот на Катар, претседателите на Турција и на Србија, Реџеп Таип Ердоган, односно Александар Вучиќ, како и на Азербејџан, Киргистан, Узбекистан и Туркменистан се само дел од соговорниците во агендата на Орбан, самопрогласен поборник на нелибералната демократија кој е познат и по агресивниот став кон неговите западни партнери. Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за Телма велат дека македонскиот претседател нема да оди на собирот на Орбан, а не бил ниту поканет. Според официјална Будимпешта, главни гости на Орбан се Ердоган и Емирот од Катар.

Поканетите гости Орбан ги опиша како пријатели на Унгарија, а планираната серија на состаноци е само дел од дипломатска стратегија „Источно отворање“ која во голема мера се потпира на партнерства и трговски договори со земји како Русија и Кина. Токму составот на гости, без лидери на земји кои се унгарски сојузници во Европската Унија и во НАТО, ја одразува намерата на Орбан за зголемување на дипломатската, политичка и економска соработка со автократиите на Балканот и во Азија.

Дел од нив веќе пристигнаа во Будимпешта, како што е примерот со Вучиќ. По средбата, пак, со претседателот на рускиот регион Татарстан, Рустан Миниханов, Орбан изрази подготвеност на унгарските компании за проширување на нивната дејност во Русија, особено во делот на земјоделството, и покрај политичките потешкотии. Унгарија има долгогодишни блиски односи со Татарстан, каде најголемата нафтена и гасна комапнија е вклучена во заеднички проекти.

Унгарија во петокот потпиша договор со израелски и германски комапнии за производство за беспилотни борбени летала, како дел од напорите за модернизација на својата воена и одбранбена индустрија.

Унгарија одржува блиски врски со Москва по руска инвазија на Украина во февруари 2022 година, зголемувајќи ги испораките на руски гас и нафта и одбивајќи да го поддржи Киев со оружје или да дозволи негово пренесување преку заедничката граница.

Овој став, како и годините на наводни злоупотреби на владеење на правото и демократско назадување, во голема мера ја изолира Унгарија меѓу нејзините европски и американски партнери, што резултираше со замрзнување на милијарди од фондовите на ЕУ и санкции од Вашингтон.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Неоправдано и без основа е зголемувањето на цените на автомобилското осигурување, одлучи АСО

Дејан Дејан

Директорката на Токсикологија со преведувачка пред инспектори, се уште доаѓаат на работа и лекуваат и оние 11 кои не се вработени

Дејан Дејан

Протести во Грузија : Полицијата употреби шок бомби и солзавец

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе