Вести Македонија

Во Тетово училишните дворови во лето станаа паркиралишта, за Општината тоа е решавање на сообраќајниот метеж во градот

Паркирани автомобили под кошовите и покрај фудбалските стативи, наместо топки и детски џагор. Решението на еден проблем предизвика друг. Лицата кои го користеа дворот на ОУ Лирија во Тетово за игри и спортување, сега не можат, зашто и овој распуст, Општината го пренамени во паркинг простор, заедно со дворовите на ОУ Истигбал и на Стара Медицина односно Гимназија.

Родители ни се пожалија дека и така нема доволно игралишта, па и нив ги затворија. Дел од граѓаните не се согласуваат со оваа одлука, велат приоритет се децата.

„Погрешна е одлуката на Општината што дозволи да се паркираат таму возила, треба да обезбеди доволно паркинзи. Сега децава скоро никаде не играат, зашто и спортскиот центар го дадоа под концесија, нема кај да се игра. Ние порано по цел ден бевме на спортски имаше игралишта, за одбојка, за кошарка, за фудбал, за тенис, сега децава се оставени сами на себе, седат повеќе на интернет, на компјутери, на мобилни“.

„Што прави Општината? Не може ли да направи некој спортски центар за децата да играат?“

„Мислам дека децата треба да имаат повеќе предност, да имаат разонода“, велат анкетираните граѓани.

Од Секторот за јавни дејности велат дека ова е одлука која се носи веќе неколку години наназад поради зголемениот сообраќаен метеж со доаѓањето на иселениците.

 „Ова се прави со цел да се намали метежот низ градот, се во насока на поголема безбедност на пешаците. Дворовите на училиштата секако се затворени преку лето, па нивната пренамена во паркинзи моментално е најдоброто решение, но имаме и фруги училишта во градот што не се користат како паркинзи, па можат да ги користат децата овие дворови за играње“, вели  Назми Даути, раководител на Сектор за јавни дејности при Општина Тетово

 Инаку периодов Тетово е полно со иселеници и автомобили со странски регистерски таблички, па се бара место повеќе за паркирање, а во одредени периоди од денот има закрчен сообраќај, поради што е потребно двојно повеќе време од просечното за да стигнете до одредена локација. За пријатен престој Општината, пак, од вечерва организира Тетовското културно лето под мотото „ Да прославиме во Татковината“.

Даниела Билбиловска

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Таравари: Сѐ уште е рано за да се каже кој колку министерства ќе води во идната Влада

Дејан Дејан

Доцни сеидбата на ориз во Чешиново Облешево

Дејан Дејан

Коѕијас ја критикува грчката влада за неспроведување на Договорот од Преспа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе