Вести Македонија

Поминаа 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, но болката по загинатите остави вечна лузна, велат преживеаните

И по 60 години тагата за загубата остана, вели Лилјана Георгиева која секој 26-ти јули е во Скопје каде на гробиштата пали свеќа за загинатиот татко.

-Татко ми загина, на работно место. На железничката станица беше на трети кат во срушениот дел. Дури осмиот ден е пронајден, вели Лилјана Георгиева, ќерка на жртва во земјотресот.

Ден пред земјотресот таткото на тогаш 9-годишната Лилјана Георгиева ја испраќа со воз на летовање. Неколку дена се двоумел дали да се качи со неа на воз и да ја смести во летувалиштето, раскажува Лилјана. Одлучил да остане, а вечерта спроти земјотресот бил дежурен на работа. Во таа кобна ноќ, дежурајќи, се случил катастрофалниот земјотрес и тој го загубил својот живот.

-Со шинобус отидовме и неколку пати се качуваше и симнуваше и ми рече  „дај тато за последен пат да те бакнам “-тие зборови никогаш нема да ги заборавам додека сум жива. И на мајка ми и рекол требаше да отидам и да ја сместам Лилјана во летувалиштето, ама не се случи тоа, додава Лилјана.

Братот и мајката на Лилјана останале во Скопје, но за среќа успеале некако да се спасат. Зградата со 4 влеза се расцепила на половина. Двата влеза се одвоиле, и уште еден таков потрес би бил кобен и за нив.

Нема утеха за голем број сведоци на катастрофалниот скопски земјотрес. Лилјана вели дека и денеска раскажува и свежо се сеќава, и на солидарноста.

-Бевме под шатор до 29-ти ноември.  Падна снег. Нашата зграда беше скоро разрушена и чекавме да се изгради отпочеток, а дотогаш четири месеци бевме во мал шатор во кој немаше место ниту да се облечеме, а потоа од кога се направи станот на тетка ми и тетин ми отидовме кај нив, завршува Лилјана.

Скопје денеска одбележува шест децении од страшниот земјотрес кој со јачина од 6,1 рихтерови степени утрото во 5 часот и 17 минути засекогаш ги смени животите на скопјани. Во тие навидум вечни 20 секунди, загинаа 1.070 луѓе, иако вистинска бројка е далеку повисока затоа што многумина не беа пронајдени под урнатините.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ганц му постави ултиматум на Нетанјаху, илјадници Израелци на антивладини протести во Тел Авив

Дејан Дејан

Во одредени професии недостигаат кадри

Дејан Дејан

Голем дел од пролетната зелка остана во нивите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе