Вести Македонија

Случувањата во Судскиот совет ги запреа и платите за судиите

Случувањата во Судскиот совет сѐ уште ги држат институциите затечени, едните бидејќи немаат црно на бело што точно се случувало на спорната седница, други со начинот на кој смената е направена. Во меѓувреме зад затворени врати и денеска членовите на Судскиот совет држат колегиум, како што неофицијално дознава Телма, во обид од внатре да ја надминат состојбата во која самите се ставија.

За претседателот на државата Стево Пендаровски последните случувања во Судскиот совет се најтемна дамка во досито на правосудството од осамостојувањето на државата, за што како што рече реакции веќе стигнале и од странските дипломатските претставници во земјава.

„Не паметам дека години наназад сме имале толку непријатни сцени поврзани со сферата која инаку е жестоко критикувана со право и од којашто најчесто ни доаѓаат негативни вести. Значи тоа беше една ситуација, една сцена, која не смее да се дозволи во држава која преговара со ЕУ и утре сака да биде членка на тој клуб, каде што се најголемите демократии во светот“, изјави претседателот Пендаровски.

Но освен срамот, судството како директна последица од последните случувањата во Судскиот совет и начинот на смената на претседателката, Весна Дамева, ќе мора да се носи и со доцнење на платата, засега на неопределно време.

„Она што го знам и што претставува посебен проблем, не знам колку е тоа познато во јавноста, е што претседателот на Судскиот совет, кој и да е, по словото на законот е и претседател на Судско-финансискиот совет, што значи дека ако немате претседател на Судски совет нема кој да потпише решенија, народски кажано, за судиите да земат плата. Значи таа ситуација мора час поскоро да се реши, не само заради платите на судиите, туку и затоа што таа фрла една таква темна дамка врз целото досие демократско, европско, на Република Северна Македонија “, вели Пендаровски.

Во меѓувреме министерот за правда, Кренер Лога, се уште ги чека документите со кои би имал увид во тоа што се случуваше пред една недела на седницата на Судскиот совет, дотогаш, како што вели ќе се водржи од коментари.

„Уште ден денеска,значи проверивме пред да дојдеме тука, дека такви записници не се пуштени кај нас, немаме никаква информација освен тоа што вие го имате објавувано како медиуми. Другиот дел останува нејасен, бидејќи не е објавена никаква одлука во Службен веник. Така да не би сакал да влегувам во таа проблематика додека немам на хартија тоа што веќе го имам побарано како министер за правда“, изјави министерот Лога.

Од Службен весник за Телма информираат дека и денеска до нив не е стигната одлука за разрешување на актуелниот претседател на Судскиот совет, Весна Дамева.

Советот откако пред една недела пред новинарските камери и очите на јавноста одржа драматична седница на која според експертите, надвор од процедурите ја смени Дамева, под водство на потпретседателот на Советот, Селим Адеми, сега се обидува зад затворени врати да дојде до решение, односно да се прегрупира за да се дојде до доволен број на гласови за избор на нов претседател. Засега на „пучистите“ кои ја сменија Дамева им фали еден глас за да изгласаат нов претседател.

Во меѓувреме Дамева која најави дека тука не завршува работата и нема своеволно да се повлече, не открива дали и какви законски чекори презела за оспорување на нејзината смена. Надлежна институција до која таа може да поднесе тужба е Управниот суд.

Случувањата во Судскиот совет ги размрдаа политичките редови па пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска побара работата на Советот да биде ставено на дневен ред на Собранието на 10 мај. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека бараат да се разјасни катастрофалната и конфузната состојба во која се наоѓа Судскиот совет, а која довела до противуставно и противзаконско разрешување на претседателката Весна Дамева.

Тамара Грнчароска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кривична пријава за двојното убиство во Стајковци

Дејан Дејан

Кривична и истрага против вработена во СВР Скопје, измамувала граѓани за социјални станови

Дејан Дејан

Не се прифатени тужбите на ДУИ за изборите, одлучи Управниот суд

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе