Вести Македонија

Ристова: Членовите на Судскиот совет не си ја познаваат процедурата за сопствената одговорност

Членовите на Судскиот совет со вчерашното разрешување на претседателката Весна Дамева испратија една грда слика која треба да ја загрижува целата јавност, оценуваат експертите во вечерашното издание на Вин Вин на Телма.

Поранешната судијка Милка Ристова смета дека вчерашните случувања во Судскиот совет не му доликуваат на едно врвно тело кое стои на самиот врв во судството.

Прво смета фактот што седницата за така важно прашање, за да се расправа за работата на претседателот на Судскиот совет, независно од тоа како тоа ќе го наречеме, дали разрешување, одговорност, итн, беше целосно недостоинствена, односно без утврден дневен ред, без почитување на било какви процесни правила, пропишани во нивниот Закон за судови се прејде на некакво гласање, рече Ристова.

Покрај тоа што заменик претседателот на Судскиот совет, според неа, го узурпирал раководењето со седницата во ситуација кога до него е претседателката, и фактот што само еден од членовите посочил дека гласањето нема правна основа, ја наведува да помисли дека и самите судии и членови на Судскиот совет не ја познаваат процедурата.

Тие исти судии кои кренаа рака и покрај тоа што тоа нема таква правна состојба, таква форма на гласање и причини за гласање за разрешување на претседателот на Судскиот совет, во матичниот закон, Законот за судски совет не постојат. Излезе дека членовите на Судскиот совет не си ја познаваат процедурата за сопствената одговорност, бидејќи тие до сега тие беа и недопирливи, тоа е нова институција да имаат некаква одговорност. Гласаа за нешто што воопшто не е предвидено во Законот за судски совет. И најобичниот правник, секој може да каже дека таква одлука и не можела да се донесе, смета Ристова.

Ивана Петковска од „Коалиција Сите за правично судење“ оцени дека вчерашната одлука на Судскиот совет не е законска, затоа што не постои постапка како се носи таа одлука. Таа ги повтори претходната констатација во јавноста дека за време на денешното продолжение на седницата, Судскиот совет го немал потребниот број на гласови за да избере нов претседател.

Мнозинството најверојатно го немаше осмиот глас, па поради тоа и седницата е одложена, иако официјално беше соопштено дека седницата се одложува затоа што Судскиот совет не е во полн состав да одлучува и за така важна точка како што е изборот на претседател потребно е Судскиот совет да биде во полн состав. Така да во вторник е закажана наредната седница на која што же се избора новиот претседател, дали истата ќе биде одржана или повторно одложена, рече петковска.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кривична пријава за двојното убиство во Стајковци

Дејан Дејан

Кривична и истрага против вработена во СВР Скопје, измамувала граѓани за социјални станови

Дејан Дејан

Не се прифатени тужбите на ДУИ за изборите, одлучи Управниот суд

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе