Вести Македонија

Цаца ќе претседава со Групата за уставни измени

Во просториите на Владата, а под патронат на Министерството за правда, за прв пат се сретнаа 10 експерти, 10 партиски претставници и по еден претставник на претседателот, МНР и Секретаријатот за европски прашања. Го конституираа Работното тело за уставни измени, со кое ќе раководат двајца експерти: поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца – Николовска, како претседател и поранешниот судија во Уставниот суд, професорот по уставно право Бајрам Положани како заменик-претседател.

Во телефонски разговор, Цаца најавува дека првата работна седница ќе ја закаже по првомајските празници. Тогаш ќе биде договорен Деловникот и динамиката за работа, но нагласува дека ова тело нема рок до кога треба да го состави текстот на Иницијативата за уставни измени.

Претседателот Стево Пендаровски смета дека Бугарите треба да бидат дел од Уставот како и другите етнички заедници и дека во таа смисла ова тело нема да има многу работа. 

Опозициските партии не номинираа претставници во Работната група. ВМРО-ДПМНЕ смета дека во неа членуваат нестручни лица и пензионери, поради што групата нема кредибилитет и треба да се распушти.

Текстот на Предлог-Иницијативата за менување на Уставот што ќе го состави Работната група ќе биде доставен до Владата, која ќе биде предлагач пред Собранието. Ќе се отвори широка дебата, но за да почне целата постапка, неопходно е дво-третинско мнозинство.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе