Вести Свет Топ вести

Путин: Кинескиот предлог може да биде добра основа за завршување на војната во Украина

Кинескиот мировен предлог е добра основа за ставање крај на војната во Украина, порача денеска од Москва, претседателот на Русија, Владимир Путин, по разговорот со шефот на Кинеската држава, Ши Џинпинг. Проблемот е во фактот дека Западот решил да се бори против нас до последниот Украинец, изјави Путин, додавајќи дека Русија ќе одговори соодветно на одлуката на Велика Британија да и достави гранати со осиромашен ураниум на Украинската војска.

Стратешко и продлабочено партнерство во повеќе области, со очигледна амбиција да се спротистави на Западната хегемонија. Ова е генералниот впечаток од денешните разговори во Кремљ на Претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Ши Џинпинг.

Кина, која одби да го осуди рускиот напад на Украина, неодамна објави и мировен план од 12 точки, за кој денеска и разговарале Путин и Џинпинг.

Според шефот на руската држава, кинескиот мировен предлог содржи повеќе одредби кои може да послужат како основа за завршување на војната.

Сепак, тој оцени дека постапките на Западот покажуваат дека мирот е последното нешто за што тие во моментов размислуваат.

Путин при тоа ја коментираше најавата која дојде од Лондон, дека Велика Британија ќе ја снабди Украина со тенковите Челенџер, но и муниција за нив која содржи осиромашен ураниум, кој претходно беше употребуван при војните во Ирак, како и нападите на Југославија.

  • Додека разговаравме со Претседателот за можноста за примена на планот на Кина за мирно решавање, тој со големо внимание ја образложуваше во нашите директни разговори оваа своја мировна иницијатива. Но, еве денеска дознавме дека Обединетото Кралство, според зборовите на нивниот заменик министер за одбрана, не само што соопштија дека ќе и достават тенкови на Украина, туку исто така и муниција со осиромашен ураниум. Се чини дека Западот навистина има намера да се бори против Русија до последниот Украинец, но не само со зборови туку и со дела. Во овој поглед, сакам да кажам дека доколку тоа се случи, Русија ќе одговори соодветно, земајќи предвид дека Западот започнува да користи оружје со нуклеарна компонента- Владимир Путин, Претседател на Русија.

Си Џинпинг, кој со индигнација досега ги отфрлаше коментарите кои доаѓаа од НАТО и Вашингтон,  Кина да не помислува да и продава оружје на Русија, индиректно возврати со критика на Западот, кој веќе подолго време ја вооружува Украина,објаснувајќи дека Пекинг останува на страната на мирот и дијалогот и на правилната страна на историјата.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, од Брисел порача дека за условите за мир, одлуките треба да ги носи официјален Киев.

  • Украина треба да одлучи кои се прифатливите услови за можното мирно решение.Затоа Кина треба да почне да ја разбира Украинската перспектива и директно да разговара со Претседателот Зеленски, доколку е сериозно, доколку сака да биде сериозна за мир- Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Кина е најголемиот странски трговски партнер на Русија а трговската и економската соработка меѓу двете држави особено се интензивираа по санкциите кои западните земји ги воведоа кон Русија по инвазијата на Украина. Финансиите, транспортот и енергетиката се главните области во кои соработуваат двете држави, при што Кина е најголемиот увозник на Руската нафта а се зголемува и увозот на рускиот природен гас.

Шефот на руската држава додаде и дека Москва и Пекинг продолжуваат да ја развиваат употребата на нуклеарната енергија за мирни цели, при што Русија продолжува да и помага на Кина во изградбата на нуклеарните централи.

Никола Илиевски

https://youtu.be/NA54R19hm6c

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе