Вести Македонија

„Трикафта“ за само осуммина – останатите пациенти со цистична фиброза се чувствуваат изиграни

Законските измени за олеснет пристап до терапија за ретки болести веќе се во собраниска процедура. Во меѓувреме, пациентите со цистична фиброза секој ден се во трка со времето. Болеста брзо прогресира – состојбата два дена е стабилна, а пет дена влошена. Непредвидливата и тешка болест се сузбива само со напредниот лек „Трикафта“, а првите пациенти веќе го добија истиот. Осумте најкритични – за кои така процениле медицински лица, добија од лекот обезбеден со интервентен увоз. Останатите ќе почекаат. Според најавите, за триесет пациенти ќе биде обезбеден лек до крајот на годинава, а пациентите апелираат – донесете го побрзо.

„Не смееме да дозволиме бројот на пациенти да си зголеми, затоа лекот „Трикафта“ го бараме веднаш и сега. Не помеѓу првите осум пациенти туку во плус групата од 4-5 пациенти, таму се надевам дека ќе бидам вклучен. Но, како што апелирав од почетокот, така сѐ уште цврсто стојам дека сите ние треба да добиеме лек“, вели  Игор Пехчевски, пациент со цистична фиброза.

Пехчевски е еден од оние пациенти кои целиот свој живот водат битка со тешката болест. Познат е на јавноста по неговите транспаренти и повици за помош, од болнички кревет. Се бори за сите пациенти со истата судбина како и неговата, а за неговата борба – надлежните испорачуваат свои ветувања, дека отсега „Трикафта“ ќе се купува полесно.

„Јас се надевам и намерата нѝ е да бидат усвоени законските измени коишто предвидуваат измени во два закона, а тоа се Законот за лекови и Законот за здравствено осигурување. Што побрзо се усвојат законските измени, толку побрзо пациентите ќе добијат поедноставна и побрза достава на сите лекови“, смета докторка Ана Данева – Маркова, советничка за здравство на премиерот.  

Минатата недела, на точно еден месец по смртта на Благојче Илиевски, кој почина чекајќи терапија, надлежните се пофалија со веста дека е донесен современиот лек „Трикафта“ во Македонија. Терапијата е таблетарна и се дава еднаш месечно. Пациентите се подготвуваат во болница, а таблетите ги пијат дома.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе