Вести Свет

Париз се подготвува за најголемиот штрајк – народот не се откажува Макрон да ја повлече реформата за подоцна одење во пензија

Бесот и незадоволството на синдикатите од планот на десничарската влада на Макрон за зголемување на возраста за пензионирање се заканува денеска целосно да го парализира нормалното одвивање на живот во Париз, но и другите поголеми француски градови.

Ѓубреџиите, вработените во комуналните служби, машиновозачите во железницата, метрото и шоферите се меѓу работниците кои ја прекинаа работата денеска ширум Франција, протестирајќи против предлог законот за зголемување на возраста за пензионирање од 62 на 64 години, што според синдикатите е голема закана за Францускиот модел на социјална држава.

  • Денеска, на 64 години, тоа е невозможно. Истовремено, дури и оние кои собираат отпад од канализација кои може да се пензионираат на 52 или ѓубреџиите на 57 години, никој не престанува да работи на 52 или 57 години. Пензиите се многу ниски и затоа тие продолжуваат. Но, имаме и пријатели кои ги погребуваме веднаш откако ќе се пензионираат или пак сериозно се разболуваат. Често тоа се канцерогени болести, две или три години по пензионирањето. Болни ги поминуваат последните години од животот, вели Режи Висели, 56 годишен синдикален лидер

Денеска е шестиот ден на штрајкови и протести од средината на Јануари, при што синдикатите очекуваат да биде најголемиот досега.

Најголем дел од возовите на железницата и метрото се откажани а затворени се и голем број училишта.

Најавени се повеќе од 300 протести во целата држава, при што полицијата проценува дека помеѓу 1,1 милион и 1,4 милион луѓе ќе излезат на улиците.

Во државата чие национално мото е слобода, братство и еднаквост, не е големо изненадување дека дури и дел од луѓето кои се соочуваат со сериозни проблеми заради штрајковите, имаат разбирање и ги поддржуваат барањата на демонстрантите. Според последните испитувања на јавното мислење, 56% од луѓето ги поддржуваат штрајковите а речиси 60% дури и барањата целосно да се парализира француската економија.

  • Видете, ова е многу, многу тешко за работниците, но за жал во Франција секогаш е истото. Мора да штрајкуваме или протестираме за да ги зачуваме своите права, смета Брики Мокран, 54 години.
  • Нема многу возови, комплицирано е за оние кои треба да стигнат на работа, особено ако живеете многу далеко, но исто така ги разбирам и луѓето на кои им е преку глава од тоа да работат се повеќе и повеќе.

Конзервативците не покажуваат знаци на попуштање или повлекување од својот план за пензиите, при што може да се очекува радикализирање на протестите. Денеска се блокирани и доставите на гориво до нафтените рафинерии а во наредните денови се најавени и повици штрајковите да се одразат и на енергетскиот систем. Макрон ја брани реформата на пензискиот систем заради предвидувањата за дефицит во него во наредните 25 години.

 

Никола Илиевски

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ганц му постави ултиматум на Нетанјаху, илјадници Израелци на антивладини протести во Тел Авив

Дејан Дејан

Во одредени професии недостигаат кадри

Дејан Дејан

Голем дел од пролетната зелка остана во нивите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе