Вести Економија Македонија

Македонија не е даночен рај, ЕУ ја избриша од листата, а ги стави Русија и Британските Девствени Oстрови од каде идат „познати“ македонски инвеститори

Европската Унија денеска ја симна Македонија од листата на даночни јурисдикции кои не соработуваат и не ги реформираат своте даночни системи во соработка со Унијата. Црната листа за даночни раеви, ЕУ ја воспостави во 2017-та година и Македонија досега беше на списокот држави кои преземаат мерки за подобрување на својот даночен систем.

Барбадос, Јамајка, Северна Македонија и Уругвај ги исполнија своите обврски и затоа може да бидат отстранети од документот за актуелна состојба во областа, познат во ЕУ терминологијата како state of play document.

Црната листа на ЕУ за даночни раеви се подновува двапати годишно. На неа се држави кои соработуваат иимаат економски релации со Европската Унија.

За Македонија од денеска на мапата на ЕУ за даночни системи има зелена ознака со појаснување „Соработува со ЕУ и нема неисполнети обврски“.

Македонија досега беше во иста група со Албанија и Турција, земји кои соработуваат и имаат задачи за исполнување. Македонија според ЕУ ги исполнила задачите и обврските и сега влегува во зелената зона на ЕУ за даночни системи, додека двете спомнати балкански држави остануваат во портокаловата зона. Сите останати држави од Балканот (Србија, БиХ, Црна Гора) од порано го имаат статусот кој денеска го доби Македонија.

Од друга страна, црната листа доби нови членови. Меѓу нив е и Русија. По почнувањето на војната во Украина, Москва и Брисел ги прекинале разговорите за подобрување на рускиот даночен систем. Русија исто така донесе ново даночно законодавство минатата година со кое воведе специјален даночен режим со невообичаени и тешки услови за работа на странски компании и инвеститори.  Поради тоа ЕУ ја стави на листата како нов даночен рај, најголема и најнаселена држава на европската црна листа.

„Бараме од сите наведени земји да ја подобрат својата правна рамка и да работат на усогласување со меѓународните стандарди за оданочување“, рече шведската министерка за финансии Елизабет Свантесон, по денешната одлука.

Дополнително, класификација за нов даночен рај според ЕУ добија и Маршалските Острови, Костарика и Британските девствени острови.

На црната листа која официјално се вика ЕУ листа на даночни јурисдикции кои не соработуваат има вкупно 16 држави. Најголем дел од црната листа заземаат островски држави на Карибите во Атлантскиот Океан како Бахамите и Тринидад и Тобаго, пацифички острови-држави како Вануату и Палау и две држави во централна Америка (Костарика и Панама).

Иако Европскиот парламент поради сопствените даночни системи бараше на листата да бидат вклучени и Холандија, Луксембург, Малта, Ирска и Кипар поради бенефициите за странски инвеститори во нивните даночни системи, ЕК никогаш не стави ниту една земја членка на ЕУ на црната листа.

Даночните раеви служат за избегнување на даночните системи во други држави со тоа што профитот се пренесува на егзотични островски локации каде даночните стапки се многу ниски и не се плаќа данок во државите каде се остварува профит. За тоа се користат и таканаречени школка-фирми, регистрирани по адвокатски канцеларии со сметки на кои се префрлаат неоданочените пари.

Кога државите се на црна листа на ЕУ, се воведуваат дополнителни механизми за проверка, на капиталот и финансиите кои доаѓаат или одат кон определн даночен рај. Македонија ќе мора да ги применува истите стандарди за овие земји при трансакции и инвестиции.

Британските Девстсвени Острови се на оваа црна листа, а од оваа држава има многу инвеститори кои „доаѓаат’ во Македонија или склучуваат зделки со државните компании. Сопствениците на фирмата Балкан Јутилитис која продава гас по фиксна цена, а не по берзанска на ЕСМ имаат врски со контроверзниот Леонид Лебедев, руски билионер кој енергетските зделки ги изведуваше преку фирми формирани на оваа островска држава во карипскиот појас во Атлантскиот Океан.

Миомир Серафиновиќ

Работат со гас, сакаат и со струја – „Балкан Јутилитис“ пред два дена регистрирала фирма за трговија со електрична енергија

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе