Емисии Код Македонија

КОД: Како е раширен октоподот Балкан Јутилитис и поврзан со контроверзниот руски милијардер Лебедев

(шема на врските меѓу Лебедев, Агапиу и Баев)

Македонија ќе може да се снабдува од повеќе извори на гас преку Бугарија. Ова го најави министерот Бектеши на 31 октомври во Софија, кога е потпишан Договорот за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на Интерконективна точка Ќустендил-Жидилово помеѓу ГА-МА АД и Буглартрансгаз ЕАД.

На 28 ми декември во Скопје доаѓаат Славен и Тони Баев, татко и син, но едниот Тони Стефанов Баев е Управител и сопственик на фирмата „Балкан Јутилитис“. Имаат средба со првиот човек на ЕСМ Васко Ковачевски,.

На почетокот на јануари, ЕСМ ја избира бугарската фирма да снабдува со гас со цена од 115,97 евра  за мегават час. Најавите се дека таа може да го снабдува ЕСМ со гас во наредните четири месеци. Цената понудена од „Макпетрол“ на тој тендер е 116,20 евра за мегават час. Уште од старт, ако се земат вкупните понуди на „Макпетрол“, пресметката е дека во јануари државата ќе плати еден милион евра повеќе од понудената цена на „Макпетрол“.

            Но која е фирмата Балкан Јутилитис  

Бугарската „Балкан Јутилитис“ лиценцата за работа со гас во Бугарија ја добива на 15 септември лани. Фирмата е регистрирана во 2003 година под дејноста „трговија со електроенергија, финансирање, инвестициско проектирање и експлоатација во сферата на енергетиката“ а во мај 2008 година станува акционерско друштво. Анализите на оваа фирма покажуваат дека таа е во загуба од 98,012 евра во 2019 година, следната година загубата и е 33.691 евро, Добивка има само во 2021-та од 118.432 евра. Но, сето ова не спречува ЕСМ да се реши токму за фирма загубар да биде главен снабдувач со гас во Макеоднија.

На 15 декември ЕСМ објавува јавен повик за снабдување со гас наведен е период од јануари до април, количините, но не и гаранција.

Во точка 3.10 Начин за опбезбедување гаранција доколку се бара авансна уплата.

Во јавниот повик не пишува дали е тоа банкарсаката гаранција и за каква воопшто гаранција се работи.

Телма веќе еден месец бара од ЕСМ доколку има, да ја даде на увид банкарската гаранција, но и покрај нашите барања за слободен пристап до информации на 2 февруари оваа информација стана забранета за јавност оти токму на тој ден ЕСМ направило таканаречен тест за штетност и го одбива барањето во целост.

,,Информацијата претставува класифицирана информација со соодветен степен на класификација и бидејќи информацијата содржи податок чие откривање би значело повреда на преземените обврски во потпишаниот договор. Се смета дека јавно објавување на бараната информација може да нанесе штета на деловното работење на друштвото“

„Тест на штетност“ е направен четири дена по истекот на рокот за одговор. Претходно, неодговарајќи, ЕСМ го прекрши законот за пристап до информации од јавен карактер.

Во Законот за КЛАСИФИЦИРАНИ ИНФОРМАЦИИ во членот 6 стои:

,,Информациите кои се предмет на класификација се однесуваат особено на: јавната безбедност; одбраната; надворешните работи; безбедносни, разузнавачки и контраразузнавачки активности на органите на државната управа на Република Македонија; системи, уреди, проекти и планови од важност за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи; научни истражувања и технолошки, економски и финансиски работи од значење за Република Македонија.

Според овој член излегува дека информацијата за тоа дали „Балкан Јутилитис“ има банкарска гаранција во првиот тендер е од економски и финасиски работи од значење

А пресметкитее покажуваат дека само за јануари државниот буџет е оштетен за 1,7 милиони евра, затоа што ЕСМ одбра загарантирана цена од „Балкан Јутилитис“, а не берзанска.

Во вториот Јавен повик објавен на 20 јануари, освен останатите услови, ЕСМ додава „Начин на обезбедување доколку се бара авансно плаќање пишува банкарска гаранција или корпоративна гаранција“.

Банкарската гаранција претставува единствен и најсигурен инструмент за обезбедување на плаќање помеѓу деловните субјекти, како неотповиклива обврска на Банката (во писмена форма) да плати одреден износ на пари, во случај не неизвршување на обврските што се договорени помеѓу двата субјекти.

Корпоративната гаранција е само еден балон кој доколку пукне останува воздух. Таа не може да се наплати тврдат за КОД правните експерти особено од микропретпријатие како што е „Балкан Јутилитис“ кое работело со загуби.

,,Корпоративна гаранција – гаранција издадена од страна на компанија (не од банка) којашто гарантира плаќање или добро извршување на договорот во име и за сметка на друга компанија како должник. Корпоративната гаранција најчесто се користи во случаи кога новоформирана компанија или мала компанија што нема изградена кредитоспособност за самостојно задолжување, сака да користи кредит и компанијата гарант гарантира враќање на кредитот во име и за сметка на компанијата должник. Компанијата гарант може да биде сопственик на компанијата должник или, пак, да има друг тип на поврзаност со должникот“.

И без цврста гаранција „Балкан Јутилитис“ го добива и тендерот за февруари со што поради падот на цената на гасот на светките берзи државата губи дополнителни милиони. Во време кога гасот на берзата е 60 евра за мегават час со тенденција на опаѓање, ЕСМ го плаќа 98.71 евро.

Васко Ковачевски  признава дека плаќаме поскап гас…

Единствена фирма која учествуваше на февруарскиот тендер беше бугарската  „Актаел“ по цена од 99,83 eвра за мегават час. Оваа фирма во јули за ЕСМ беше посредник за купувањето на делови за трансформаторот за Блок 3 од турска фирма. За овој трансформатор РЕК Битола потроши, речиси, 6.5 милиони евра без тендер, а договорот е склучен со непосредна спогодба. Заради доцнењето на трансформаторот, третиот блок не проработе на време. Државата увезуваше струја која ја чинеше 40 милиони евра, а заради доцнењето ќе плати и 200.000 евра пенали.

                        Краците на октоподот

„Балкан Јутилитис“ не е обично микро претпријатие. Основана во 2008-ма, се наоѓа во Софија на адреса на која има запишано уште 204 фирми. Од 2017 та во неа влегуваат и Максим Жежов, чие име се поврзува со уште 22 фирми, Савас Агапио од Грција кој ја има и фирмата „Виндоус Интернешнал“ и Тони Стефанов Баев чие име е поврзано со уште седум фирми. (Текстот продолжува по видеото во кое е прилогот за мрежата на Балкан Јутилитис)

Тони Стефанов Баев е сопственик и управител. Кога на 12-ти септември лани бугарската регулаторна комисија го издава решението за работа со гас на „Балкан Јутилитис“, во него е наведено и наведено и Те-То Скопје, но и фирма од Кипар како поврзана и со Те-То и со „Балкан Јутилитис“.

Протокол на Бугарска регулаторна комисија за енергетика и водни услуги од 04.08.2021.

,,Подносителот на барањето планира, покрај на слободниот пазар, да испорачува природен гас на Те-То електрана во Скопје, сопственост на поврзана компанија на главниот акционер на „Балкан Јутилитис“ АД, „Синтез Грин Енерџи Кипар“. Електраната е со инсталирана моќност од 250 MWh и комбиниран циклус со потрошувачка од околу 300 милиони m3 природен гас годишно. Компанијата предвидува продажба на дополнителни количини на крајни корисници, трговци и транзит на природен гас за потребите на поврзана компанија во Молдавија. Тони Баев е поврзан и со фирмата „Греј стоун Бугарија“, а се спомнува Македонија како држава каде има инвестиции. „Греј Стоун България ООД“ е фирма управувана од уште еден Баев, Свилен Тонев Баев на истата адреса е со „Балкан Јутилитис“.

,,Компанијата е поврзана со компании кои имаат значително искуство во областа на енергија на територијата на Грција, Русија, Македонија. Нашите стратешки партнери се и сериозни компании. Стратешки партнери во Грција се „Јунис енерџи“ – еден од моментно високо активните групи на грчкиот пазар со инвестициски и комерцијални активност. Финансиски, акционерите на компанијата се стабилни, вели за фирмата Тони Баев. Баев е во структурата и на фирмата БЕТА ТЕК, со содружник од Турција. Дејност е енергетика и продажба на електрична енергија.

Еден од краците на „Балкан Јутилитис“, односно нејзин директор е и Максим Жеков Димов. Тој е контроверзен политичар. Од благајник до гробар на партијата на Симеон Саксобурготски, а бил во партијата на бугарските Турци – ДПС и како пратеник.

Дел е од структура на бугарската компанија за руска нафта „Руснефтехим“ која била дел од руски енергетски конзорциум. Го поврзуваат со спорно префрлање на пари од Венецуела во време кога се забранети трансакции од оваа земја.

Ако пребарате на интернет ќе најдете дека Жеков Димов е еден од основачите на озлогласениот Макском Холдинг, слична структура како Мултигруп. Се наведува и дека учествувал во продажба на оружје во Јемен од бугарските складови.

,,Извори од службите открија дека на кипарската компанија што го реализира бизнисот „и помагал „Елмаз 24“, чии акционери биле поранешниот министер за надворешни работи и амбасадор во Турција, Виктор Валков, поранешниот началник на градското одделение Софија во министерството за внатрешни работи, Чавдар Чернев (двајцата од легендарниот круг на ресторанот Монтереј), поранешниот пратеник Максим Димов и други“.

Савас Агапио е третиот човек во Балкан Јутилитис, но втор кога станува збор за зделките на фирмата со Македонија. На 24 јануари, заедно со Славен Баев доаѓаат во Скопје. Но, не само за да видат како ќе им оди бизнисот со гас со ЕСМ, туку и да основаат нова фирма „Балкан Јутилитис Трејдинг“ за трговија со електрична енергија.

Регистрирана е како микропретпријатие, а седиштето е во Капиштец. Како управители се јавуваат Тони Стефанов Баев и Савас Агапио од Грција. За сега во Регулаторната комисија немаат поднесено барање за лиценца за трговија со струја. Според документите на грчкиот весник „То Вима“, Агапиу по професија е сметководител, а неговата канцеларија се наоѓа во Лимасол, Кипар. Тој има канцеларии и во Атина на „Виндоус Интернешнал“.

Се споменува во текстот на грчкиот весник, затоа што државата во време на СИРИЗА му дозволува на Лебедев да управува со гасоводот, а во 2018 година и издадена е лиценца за независен систем за природен гас.

Буџетот за изградба на гасоводот изнесува 41,4 милиони евра, што значи дека сопствениот имот на компанијата мора да биде над осум милиони евра. Во одлуката на грчката регулаторна комсиија за доделување дозвола на „Виндоус“ беше наведено дека единствен акционер во компанијата со 100 проценти е Савас Агапиу.

Според „То Вима“, акционерот на „Виндоус“ е поврзан и со други компании во кои има удел Лебедев, меѓу кои и подружницата „Белиев Фајнанс“, која во 2016 година добила десетици милиони евра заеми од оф-шор компаниите кои беа отпишани една година подоцна. Агапиу е поврзан и со компанијата „Синтез Еенерџи Јуроп Констрактинг“ („Sintez Energy Europe Constructing), чиј претставник според пишувањата во печатот е адвокатската канцеларија на сопругата на Панос Каменос.

Се чини дека Агапиу има врска и со руската компанија за електрична енергија ТГЦ-2, која беше предмет на руски истраги во врска со трансферот на 150 милиони американски долари на Кипар и можната вмешаност на Лебедев во случајот.

,,Утврдено е дека Агапиу е поврзан со компанијата „Балкан Јутилитис“ која е активна во секторот за природен гас во Северна Македонија,, завршува во својот напис „То Вима“.

Па така, краците на октоподот на „Балкан Јутилитис“ стасуваат не само до Лебедев, туку и до Русија, Грција, Кипар, Девствените острови, ама центарот на вниманието на оваа фирма сега е Македонија поточно ЕСМ.

(Објавено во емисијата КОД на 05.02.2023. Во истата емисија беше објавена и сторија за менување на условите за ветерен парк и соларни фотоволтаици во заштитната зона на Студенчица, извор за вода од кој се снабдуваат над 180 илјади луѓе во 7 општини меѓу кои се и Кичево и Прилеп)

Снежана Лупевска Созен

Управителите на „Балкан Јутилитис“ се шират во земјава – регистрирале нова фирма со седиште во Центар

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Десетина граѓани се пожалиле кај Омбудсманот за повредено избирачко право

Дејан Дејан

Најголема излезност до 15 часот има во Новаци и Крива Паланка, најмалку во Пласница и Центар Жупа

Дејан Дејан

Одѕивот до 13 часот е околу 20 проценти – мирен изборен ден во Струмица

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе