Вести Економија Најважни

Работат со гас, сакаат и со струја – „Балкан Јутилитис“ пред два дена регистрирала фирма за трговија со електрична енергија

Освен со гас, „Балкан Јутилитис“ сака да влезе и во бизнисот со струја. Пред два дена компанијата под името „Балкан Јутилитис Трејдинг“ регистрираше нова фирма и тоа за трговија со електрична енергија. Регистрирана е како микропретпријатие, а седиштето е во Капиштец. Како управители се јавуваат Тони Стефанов Баев и Савас Агапио од Грција , истите ликови кои фигурираат и во „Балкан Јутилитис“, компанијата со која ЕСМ склучи договор за испорака на гас. Од РКЕ за Телма велат дека до сега немаат издадено лиценца за трговија со струја на „Балкан Јутилитис Трејдинг“, а ниту тие поднеле барање за тоа. Од друга страна, пак, извори за Телма велат дека пред една недела Тони Стефанов Баев бил на состаноци во Скопје.

„Балкан Јутилтис“ веќе на големо работи со гас во земјава. Но, според податоците може да се види дека три години не испорачувала добри резултати во работата. Од тука е нејасно како тие како компанија која три години работела со загуби добила банкарска гаранција и која банка истата ја издала. Токму за овие две прашања Телма се обиде да добие одговор од државните електрани. Но, ЕСМ, спротивно на законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, не одговори во законскиот рок и се прогласи за ненадлежна односно дека не е е имател на информацијата.

Инаку, управител и сопственик на моменталниот испорачател на гас, „Балкан Јутилитис“ е Тони Стефанов Баев, а во 2017 година во управувачката структура на фирмата влегуваат и долгогодишниот контроверзен бугарски политичар Максим Жеков Димов и Савас Агапио. Според написите во медиумите, името на Тони Баев во мај 2017 година се поврзува со името на рускиот олигарх Александар Лебедев и со бројни други сомнителни зделки на релација Русија, Грција, Бугарија, Кипар, Девствени острови.

И вториот управител на „Јутилитис“, Савас Агапио според написите во медиумите, се поврзува исто така со фирмите на контроверзниот руски бизнисмен Лебедев и со сомнителни зделки за продажба на гас во Грција и за изградба на гасоводот Солун-Скопје. Парите кон фирмата на Агапио доаѓале од оф-шор компании од Британските девствени острови.

Бугарската „Јутилитис“ од почетокот на годинава ја снабдува ЕСМ со гас, откако државните електирани одлучија избраа понуда со фиксна цена.

Но, во меѓувреме цената на гасот на берзите е пониска од фиксната цена што земјава ѝ ја плаќа на бугарската компанија „Јутилитис“. Пресметките покажуваат дека поради изборот на фирма со фиксна цена земјава за јанаури и февруари ќе плати повеќе за испорачаниот гас.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху: Нема да дозволам Иран да се вооружи со нуклеарно оружје

Дејан Дејан

СДСМ поднесе 82 амандмани на законите за судска и јавнообвинителска служба по критиките на вработените за предложените решенијата

Дејан Дејан

Уште еден осомничен за злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија, доби притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе