Вести Свет

Романски и холандски спасувачи први на пат за Турција додека светот жали и сочувствува со жртвите

(жена гледа од 7-ми кат на оштетена зграда во Турција)

Првите спасувачи од Романија и Холандија веќе се на пат, објавија високите претставници на Европската Унија околу 11 часот додека во јужна Турција беше регистриран уште еден нов силен земјотрес од 7,5 степени по Рихтер.

Претседателката на Европската комисија Урсула Фо дер Лајен изрази сочувство за жртвите во Турција и Сирија, а веќе е активиран и европскиот механизам за цивилна заштита и спасување.

-Турција го активираше механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Европската Унија одговори веднаш. Мобилизиравме 10 спасувачки тимови за урбани подрачја од повеќе земји членки. Станува збор за Бугарија, Хрватска, Чешка, Франција, Грција, Холандија, Полска и Романија. Тоа е поддршка  за спасувачки акции на терен, рече Балаш Ујвари, портпарол за хуманитарна помош во Европска Комисија.

Американскиот претседател Бајден упати сочувство и изрази жалење за жртвите во двете земји и најави дека тимот на САД по негови насоки „продолжува одблиску да ја следи сосотојбата и се координира со Турција за да обезбеди секаква потребна помош“.

Рускиот претседател Путин со одвоени пораки до Ердоган и Ал Асад покрај изразената жалост за изгубените животи понуди помош во спасувачките акции. Русија подготви веднаш два авиони Илјушин со 100 спасувачи за да се придружат на напорите за помош на затрупаните луѓе.

Помош понуди и нападнатата Украина, а претседателот Зеленски во твит на турски јазик порача дека Украина е подготвена да пружи секаква потребна помош.

Европските држави преку ЕУ механизмот за цивилна заштита веќе се подготвени да испратат сили за прв одговор при катастрофи, како што соопшти и Германија.

-Нашите мисли се со семејствата на жртвите. На повредените им посакуваме брзо закрепнување. Задачата сега е да се обезбеди помош најбрзо. Германската влада ќе придонесе со нашите партнери, изјави Волфганг Бухнер, портпарол на германската влада.

Европската Унија со снимки од сателитот Коперникус дополнително ја помага масовната акција за спасување во Турција и Сирија.

Светската здравствена организација подготви и испраќа медицински тимови за ургентна здравствена помош на повредените и најзагрозените бидејќи во разурнатите области има и многу сириски бегалци.

Земјотресот силно се почувствува дури и во Либан, а помош е најавена и од Израел, држава која се обидува да ги подобри односите и со Сирија и со Турција.

-Наредив по барање на турската влада да се испратат спасувачки тимови и медицинска помош. Ова е што вообичаено го правиме низ светот, како што правиме и во нашето соседство. Добивме такво барање и за многу повредени од потресот во Сирија, јас наредив да се помогне и таму, порача  Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

НАТО и генералниот секретар Јенс Столтенберг во директна комуникација со Ердоган порачаа дека алијансата се мобилизира за полна солидарност со сојузникот Турција.  А земјотресите во погодената област не престануваат.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца прилепчани носеле 3 килограми марихуана и автомат со рент-а-кар

Дејан Дејан

Дејан Дејан

Договор во три фази кој вклучува повлекување на Израел од Газа – Хамас прифати предлог за примирје кое би водело до траен прекин на огнот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе