Вести Македонија

Разорниот земјотрес во Турција и Сирија и последиците по Балканот – што може, а што не треба да се очекува

Со парична помош и донации од луѓе и фирми ќе помага нашиот Црвен крст за последиците од разорниот земјотрес во Турција.

Ова е првична помош, вели генералниот секретар Саити.

Светот денес сведочи на хорор-фотографии и видеа, збришани цели населби и градови, а бројот на загинати расте од секунда во секунда.

„Како Национално друштво, првично се договоривме да ги отвориме нашите инструменти кои редовно ги користиме во вакви ситуации, а тоа се: нашата солидарна жиро-сметка или Фондот за солидарност со кој прибираме средства од правни лица и од заинтересирани граѓани, потоа сметката за девизни донации доколку тие доаѓаат од странски компании од земјата и странство, а во функција е ставен и единствениот телефонски број 143-400 на двата мобилни оператори, каде што со секој повик може да се донираат 100 денари“ вели Д-р Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст во РС Македонија.

Додека земјата се тресе, во реално време пристигнуваат информациите на компјутерите во Сеизмолошката опсерваторија. Детал по детал, стручните лица – сеизмолози ги прибираат информациите.

Веќе мапирале каде и што се случува и каде сѐ се затресе земјата.

Смируваат — директна опасност на територијата на Македонија од овие земјотреси – нема, но секогаш онаму каде што имало земјотреси, повторно ќе има и прашање е кога ќе се случат истите.

„200 километри изнесува максималната линеарна димензија на активниот дел од раседот каде што се случи земјотресот во 04:17 часот, со магнитуда 7,8 степени според Рихтеровата скала. Бидејќи земјотресот е исклучително силен, тоа ќе има одредено влијание на околните тектонски блокови меѓутоа тоа не оди така брзо туку потребно е некое време за да настане распределба на овие напрегања“ изјави Проф. Д-р Драгана Черних, раководител на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ – Скопје.

Професорката Черних вели дека земјотресите се најдобар ревизор за квалитетот на градбата и јачината на објектите. Истото го анализираат и во Институтот за сеизмички градби и климатски промени.

Градежниот инженер Михаил Гаревски порачува дека во Македонија не треба да се стравува од разорни последици по скопскиот земјотрес во 1963 година и законските измени оттогаш.

Објектите, генерално ги задоволуваат параметрите и стандардите.

„Тоа во 1963 година навистина беше катастрофа и несреќа. Оттогаш па наваму исклучително се внимава на градбите во Македонија. Би сакал да истакнам дека во последните можеби десетина години ние имаме едни од најсигурните градби дури и во Европа затоа што имаме многу ригорозни контроли. Најрпво се контролира проектот, тогаш се дава градежна дозвола и повторно за истиот објект се оди двапати на терен за да се види дали се постапува спрема проектот“ смета Михаил Гаревски од Институтот за сеизмички градби и климатски промени.

Раседите во Македонија можат да генерираат земјотреси околу скопското епицентрално подрачје до 5 или 6 магнитуда и ваков разорен земјотрес не треба да се очекува овде, додека пак на истокот на земјата може да се очекува и поголема магнитуда од тоа.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Дејан Дејан

Договор во три фази кој вклучува повлекување на Израел од Газа – Хамас прифати предлог за примирје кое би водело до траен прекин на огнот

Дејан Дејан

Ковачевски: Oва е последниот повик за Европа, ние не се откажуваме

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе