Економија Емисии Код Македонија

КОД: Со сменети услови до „нацртан“ продавач на мазут за 100-тици милиони евра- ЕСМ купува многу од РКМ, а не открива зошто ги менува условите за јавни набавки

Мазутот со почетокот на енергетската криза која се појави и со пандемијата, но се засили со војната во Украина стана повторно голем фактор во производството на електрична енергија во државата. Освен што беше замена за јаглен во РЕК Битола во помали количества, со повторното активирање на ТЕЦ Неготино, мазутот одеднаш го зголеми своето учество во пазарот со енергенси во Македонија.

Приматот беше во рацете на ЕСМ кое ги распишуваше огласите. Набавките не одат на тендерите поради малиот број на можни кокнкуренти. Па затоа ЕСМ има законска можност и право, овие набавки да ги врши со огласи.

Например ова е оглас кој траел до февруари лани. Потребна количина за набавка е 150 илјади тони мазут за ТЕЦ Неготино.

Единствен критериум во огласот е цената на понудениот мазут и носи 100 поени. Заинтересираните компании може да побараат соодветна тендерска документација која ја пополнуваат и доставуваат во вид на понуди.

ЕСМ нема голема работа при овој оглас. Има само еден понудувач РКМ ДОО, фирма која е основана од Ратко Капушевски.

Само РКМ поднела понуда, возвраќаа од ЕСМ кога беа прашувани зошто контроверзната фирма на Капушевски која беше опфатена со скандал на транспорт на отпадно масло како мазут,  скандал откриен во Хрватска, успеала да добие можност да продаде 150 илјади тони мазут на државни електрани за да произведува струја.

Но кваката се крие во условите кои се пропишани во тендерската документација за овој оглас. Според она што го дознава КОД по извршен увид во документацијата, дел од условите се менуваат поради што на огласот се отвора можност да влезе фирма како РКМ, а да станат пречка за други компании кои продаваат мазут.

Кој подметнал грб за банкарска гаранција за фирма со минимална добивка и со висок ризик

Според условите во тендерската документација, предвидени се банкарски гаранции. Претходно тие банкарски гаранции се движеле по два или три милиони евра во денарска противвредност.

Банкарската гаранција треба да гарантира дека фирмата набавувач е сериозна и има финансии за да го изведе целиот процес на набавка, а доколку не ги исполнува условите и не испорачува мазут тогаш со банкарската гаранција да се озвозможи набавувачот да купи мазут од друго место.

Во конкретниот оглас, банкарската гаранција е намалена и изнесува 30 милиони денари односно половина милион евра. Дополнително се дава нова гаранција од милион евра кога ќе се потпише договорот. Банкарската гаранција била тројно намалена.

Но проблемот е како РКМ ДОО успеала да издејствува и да добие гаранција од банка кога например на бизнис мрежа има бонитетна оценка Е, најниска која вели „компанијата е с висок ризик и потребно е дополнително обезбедување“.

Во периодот од 2019-та до 2021-ва РКМ имала еден или двајца вработени, а финансиските резултати покажуваат дека фирмата во 2019-та имала загуба од 5,2 милиони денари (околу 85 илјади евра). Во 2020-та имала промет од нешто над милион евра (околу 64,3 милиони денари) и добивка од 33 илјади евра.

РКМ има зголемување на промет во 2021-ва на околу 8,6 милиони евра (517.915.297 милиони денари) и добивка од 133 милиони денари односно околу 220 илјади евра. Таква фирма успеала да обезбеди банкарска гаранција на почетокот на 2022-ра во вредност од 1,5 милиони евра.

Единствено логично објаснение за одобрената банкарска гаранција е дека некој друг многу поголем застанал зад малиот РКМ кој работел на ниво на рентабилност за да го добие тендерот во февруари 2022-ра, тендер кој е вреден речиси 6,5 милијарди денари (6.490.000.000 денари) односно повеќе од 105 милиони евра (105.528.455 евра).

Вредноста на добиената набавка на РКМ всушност е за 12 пати поголема отколку вкупниот промет на фирмата во претходната 2022-ра година.

Но зошто другите поголеми компании кои работат со мазут не се вклучиле и учествувале во огласот. Па според она што го увиде КОД во тендерската документација, еден услов кој не можело да го исполни никој во Македонија.

Многу цистерни секој ден- услов кој исклучувал

Во конкретниот тендер се бараат 150 илјади тони, а еден од условите, невозможен за остварување, е ставен во динамиката на испорачувањето на мазутот.

Условот бил да се испорачуваат по минимум 1200 тони дневно мазут со префериран временски рок меѓу 15-ти февруари 2022-ра и 8-ми јуни 2022. Проблемот е што таа количина од 1200 тони дневно претходно не била услов во претходните огласи на ЕСМ за набавка на мазут.

Друг проблем е во неизводливоста на таква акција бидејќи за тоа се потребни 60 цистерни дневно кои би оделе и би се враќале со мазут од странство или од друга локација каде има склад добавувачот.

Големите и искусни компании увиделе дека тој услов не може да го исполнат и не доставиле понуда чекајќи промена и враќање на старите услови од огласите. Арно ама, РКМ ДОО прифатил таков услов и доставил понуда. Единствена која била вредна 6 и пол милијарди денари за 150 илјади мазут и ЕСМ ја прифатил.

Двете мистерии со банкарската гаранција и со условот за дневна динамика треба да ги објасни ЕСМ, дали РКМ навистина испорачувал по 60 цистерни дневно и кој го подметнал грбот за Капушевски да добие банкарска гаранција. (текстот продолжува по видеото)

РКМ виа Пласница, кичевско, Струмица

Два моменти има во оваа цела приказна, првиот води кон Кичевско и Пласница, вториот се движи на југ кон Струмица.

Неколку месеци по добиениот оглас, во сопственичко-управувачката структура на РКМ се вселува уште едно лице. Станува збор за Ерџан Сулкоски со потекло од Пласница, а со адреса од Кичево којшто станува и сопственик и управител на РКМ ДОО заедно со Капушевски.

Сулкоски е непознат во бизнисот претходно и ова му е прва инвестиција. Промената се случила на 22-ри август лани.

Вториот момент е складот кој сите продавачи на мазут мора да го имаат. РКМ ДОО пријавува во својата лиценца дека склад за мазут му е во Оранжерии  во село Хамзали Босилово.

Капушевски го потпишува договорот за изнајмување на овој склад откако од управувачката структура на Оранжерии Хамзали ќе излезе близок роднина на поранешниот премиер.

Нов оглас нови ексклузивни услови кои исклучуваат

Но откако РКМ и Капушевски со засега непозната поткрепа и грб го добил првиот тендер односно бил единствен пријавенна огласот во февруари, ЕСМ лани во октомври распишува нов оглас за голема набавка на мазут за ТЕЦ Неготино.

КОД ѕирна и во овие тендерски документи за огласот под број 77 за набавка на 190 илјади тони мазут. И повторно има промени во условите.

Сега го нема оној невозможниот услов од обврска за 1.200 тони мазут дневна испорака која РКМ претходно ја прифатил, а била неостварлива за многу поголеми компании од оваа на Капушевски. Капушевски сега има и партнер сопственик преку веќе спомнатиот Ерџан Сулкоски.

Значи ЕСМ го брише условот за 60 цистерни дневно кој е во доменот на научна фантастика за остбварување во македонси услови. Но става друг услов кој истои така е нов.

Во точката 2.3.3.1 за техничка и професионална способност наведено е:

Понудувачот да има минимум еден договор за испорака на мазут во последните 3 години во количина од минимум 100.000 тони мазут во државбна институција или на друго место.

Ваков услов исполнува РКМ затоа што во февруари лани имал победа и понуда за оглас за 150 илјади тони.

Со ново вградениот услов РКМ кој до лани има двајца вработени, минимален промет, скандалозна набавка на отпадно масло како мазут откриено во Хрватска, одеднаш станува сигурен исполнувач на новите услови смислени за огласот на ЕСМ.

Вредноста на овој оглас е поголем од претходниот и е на ниво од 10, 8 милијарди денари односно околу 176 милиони евра за 190 илјади тони мазут.

Зошто снема мазут во ноември за ТЕЦ Неготино, за да се штеди или доцнеше танкер?

ТЕЦ Неготино во ноември не произведуваше струја, но беше пуштено на почетокот на декември кога почнува да скока побарувачката и трошењето на електрична енергија. Официјалното објаснување беше дека цената на производство е минимално и незначително пониска отколку да се набави преку берза па поради тоа бил оставен погонот да мирува до шпицот на зимската потрошувачка.

Потребите тогаш се надополнувале со купување струја од странство. Но постои и друго објаснување дека доцнел мазутот од Грција купен преку РКМ.

Поради проблеми со транспорт на голем брод танкер кој што носел нафта за Грција, испораката доцнела, па доцнел и транспортот кон Македонија, па немало ни производство на струја во ТЕЦ Неготино.

Токму во ноември завршуваше и новиот јавен повик, оглас за набавка на мазут во кој набавувачот требаше да има најмалку еден договор за минимум 100 илјади тони мазут- нешто што во 2022-ра му успеало само на Капушевски и неговата скромна енрегтска фирма РКМ, со огромен пораст во зделки за кои плаќаат граѓаните од државниот буџет.

Од ЕСМ не одговорија на прашањата на КОД поврзани со честото менување на услови за набавка на мазут преку јавни повици.

Миомир Серафиновиќ

Ова издание на КОД е емитувано на 22.01.2023. во 19:15. 

КОД: Како ЕСМ нацрта продавач на мазут, како продава струја евтино

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца загинати во директен судар на патот Штип-Радовиш

Дејан Дејан

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе