Вести Култура

Делата на Цепенков и Пенушлиски сѐ уште се интензивна преокупација и на нашата современост

Водечко име во македонската фолклористика и пример за исклучителна повеќедецениска посветеност и темелност во истражувањата.  Кирил Пенушлиски е најзаслужен за откривањето на значајната оставнина на Марко Цепенков во архивите на Бугарската академија на науките во Софија и токму под негова редакција беше објавен целокупниот опус на Марко Цепенков во десеттомно издание.

Творештвото на Цепенков е посебно важно, затоа што го отсликува македонскиот живот, македонскиот народ, македонската култура во 19-от век. Имаме една комплетна слика на македонската народна култура, не само песни, туку и приказни пословици, народни игри и инструменти, целокупниот народен живот, рече д-р Марко Китевски од Институтот за македонска литература.    

 Во услови кога нашиот народ живее со фолклорот професорот Кирил Пенушлиски е свесен дека фолклористиката не смее да се ограничи на кабинетски проучувања, за што говорат и многубројните индивидуални и комплексни истражувања на фолклорот на одделни наши региони.

Трудовите на професор Пенушлиски во повеќе подрачја во македонското народно творештво го имаат белегот на првичност. Во нив тој се потпираше на длабинските познавања на теоријата и историјата на фолклорот, уште повеќе на теренските истражувања кои ги предводи воден од сознанието за неисцрпноста на народното творештво, рече претседателката на Организациониот одбор д-р Ана Мартиноска.

За Аврамовска десеттомното издание на собраните дела на Цепенков има исклучително влијание за културната пресвртница на македонската сцена.

Од овие десет тома ќе се разлетаат чудни знаци на древната мудрост и нејзината криптографска загадочност, која што на некој втор, трет степен тајно ги кодира уметничките пораки, та на македонската сцена загадочно ќе заигра „Јане Задрогаз“ на Горан Стефановски, ќе се случат чудните случки од расказите на Петре М. Андреевски и Живко Чинго, вели директорката на Институтот за македонска литература д-р Наташа Аврамовска.

Делата на Цепенков и Пенушлиски можеби временски му припаѓаат на минатото, но тие се уште се интензивна преокупација и на нашата современост, забележаа учесниците на научниот собир.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца прилепчани носеле 3 килограми марихуана и автомат со рент-а-кар

Дејан Дејан

Дејан Дејан

Договор во три фази кој вклучува повлекување на Израел од Газа – Хамас прифати предлог за примирје кое би водело до траен прекин на огнот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе