Вести Македонија Топ вести

Словенија или Словачка – знамињата слаба точка на протоколите во институциите

Брза географија во Министерството за надворешни работи (МНР). Словенечката министерка за надворешни работи, Тања Фајон, вчера, влезе, се фотографираше и одржа прес-конференција пред знамето на својата држава, но тет-а-тет средбата со нејзиниот македонски колега, Бујар Османи ја одржа како министерка на Словачка, барем според знамето што протоколот во МНР и го имаше ставено на масичката до неа. Протоколот од можните три поставени знамиња, погоди две на Словенија, но го згреши најмалото, кабинетското. Грбот на знамето на Словенија – Триглав го замени со двојниот крст, грбот на Словачка, а не ја воочил и различната нијанса на сината на двете знамиња.

За гафот на протоколот, МНР денеска длабоко и се извини на словенечката министерка за ненамерна грешка.

„Иако не може да има оправдување за направениот пропуст, министерката со целосно разбирање ја прими грешката како ненамерна, без никакво влијание врз успешноста на средбите и посетата. Информираме дека Министерството за надворешни работи дополнително ќе ги зајакне протоколарните проверки, со цел во иднина да не се повтори ваква ситуација“, стои во извинувањето на МНР.

Но, Османи, освен на вчерашниот гаф, може да се пофали дека е сведок и на уште еден протоколарен гаф, но не неговото министерство, туку на владиниот протокол кој во септември 2019 година тогашниот австриски премиер, Себастија Курц го пречека пред владата со знамето на Летонија. Протоколот тогаш не ја забележало разликата во ширината на белата средна лента, но и на различната нијанса на црвена боја на знамињата.

Само еден месец потоа протоколот во кабинетот на шефот на државата, пак, го погоди знамето на Црна Гора, но црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, тет-а-тет средбата со својот македонски домаќин, Стево Пендаровски, го водеше пред своето наопаку поставено државно знаме. Црногорскиот двоглав орел на знамето стоеше наглавечки.

Дали поради космички влијанија или распоредот на планетите или нешто друго, 2019 година, ќе остане запаметена и по уште неколку гафови со официјални знамиња. Неколку месеци претходно тогашниот француски амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, беше пречекан од претседателката на Советот на општина Охрид со холандско знаме. Боите на знамето овојпат беа погодени, но не и вертикалата.

Но, ако Холандија по грешка беше почестена во Охрид, по грешка на заменик министерот за надворешни работи во „малерозната“ за знамиња 2019 година, Андреј Жерновски нејзиното знаме беше заменето со знамето на Јемен. Жерновски тогаш грешката се оправда со пригушеното светло во авионот кога го бирал знамето на Холандија, за да и се заблагодари на Твитер за ратификацијата на протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.

2019 ќе остане запаметена по уште едно згрешено знаме. Овојпат македонското. ПР-от на тогашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, знаемето на американската држава Аризона го замени со македонското, заблагодарувајќи им се на САД што на авиони на ескадрилата на носачот на авиони „Хари Труман“ го аплицирале македонското државно знаме.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 05.05.2024

Дејан Дејан

Им дал 25.000 евра, но наместо торба полна со денари, му дале торба со ливчиња – скопјанец наседнал на измама од двајца странски државјани

Дејан Дејан

(Видео) Повредени 155 полицајци, уапсени 74 навивачи – хаос во Берлин на меч од четврта фудбалска лига

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе