Вести Македонија Топ вести

Нови згради постојано „никнуваат“, но не и градинки – децата наместо во занимална, заглавуваат на листа на чекање за упис

Педа по педа и зграда до зграда. Скопје се шири и згуснува. Повеќе од половина милион резидентно население во главниот град, покажаа резултатите од последниот попис.

Густината на население донесе бројни дилеми, а една од главните коишто се наметнуваат е – како да се задоволат потребите на сè побројното население. Огромната листа на чекање за прием на деца во градинка е само еден од проблемите.

Дел од одговорите за огромните листи на чекање, се кријат и во Деталите урбанистички планови за населените места.

Нови згради односно станбени објекти има постојано и многу на број, за разлика од градинки.

Недостасуваат повеќе од три илјади места за да бидат примени сите деца коишто се наоѓаат на листата. Надлежните тврдат дека има решение на проблемот.

„Скопје ги прибира младите од целата држава. Со години наназад не се градело, не се инвестирало во детската заштита, па така е дојдено до овој проблем. Петнаесет објекти ќе бидат отворени до крајот на 2023 година, а тринаесет објекти ќе бидат отворени до крајот на оваа тековна година. За 3300 нови места ќе нѝ биде зголемен капацитетот за примање на нови деца“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

Градоначалниците се жалат дека секој од нив се соочува со сличен проблем. Најлоша е состојбата во општина Аеродром каде што речиси илјада деца се на листата на чекање.

Ништо подобро не е ниту во скопските општини Ѓорче Петров и Гази Баба каде што околу петстотини деца сè уште не се примени во градинка.

Иако општините издаваат дозволи за градење, сега во тоа ја лоцираат дел од вината за ситуацијата со недостатокот на слободни места за згрижување на најмалите.

Нови градинки и занимални ќе се отворат, но им треба и кадар.

„Јас ви кажав кое е решението за Ѓорче Петров во моментов, со коешто ние би го надминале проблемот за 50% во наредните два до три месеци доколку се реализираат и нѝ се одобрат согласностите за вработување на кадар и ставање во функција на новата детска градинка. Тоа е еден дел во којшто може да се помогне. Меѓутоа најголемиот проблем се генерира од тоа што текот на градба на станбени објекти не соодветстува со она што е инвестирано во сместувачките капацитети и затоа ние ја имаме оваа ситуација на притисок во моментов“, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Во меѓувреме министерката за труд и социјала апелираше до градоначалниците да аплицираат уште повеќе со идејни проекти за нови градинки.

Не прецизираше кога, но најави дека многу наскоро ќе добијат согласности од Министерство за финансии, за да се вработи кадар секаде, а најмногу онаму каде што е најпотребно.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сончево и топло со мала до умерена облачност, попладне изолирана нестабилност – Временска прогноза за 7.5.2024

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 05.05.2024

Дејан Дејан

Им дал 25.000 евра, но наместо торба полна со денари, му дале торба со ливчиња – скопјанец наседнал на измама од двајца странски државјани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе