Економија Најважни

Државата во зијан до гуша од малите хидроцентрали, на концесионерите им дала 90 милиони евра за струја која чинела 41 милион

Ерозија на цел систем – вака ги опишаа државните ревизори неправилностите кои ги откриле во ревизијата за експлоатацијата на водните ресурси при производство на електрична енергија. Државата на операторите на малите хидроцентрали за повластената тарифа им дала двојно повеќе пари  од пазарната вредност на  електричната енергија. Тие пак не уплаќале надоместок за користење на водите. Извештајот кој е за периодот од 2012 година до сега е пратен до Јавното обвинителство.

За повластените тарифи за концесионерите граѓаните преку сметките платиле 90 милиони евра, или 41 милион евра повеќе пари од колку што била пазарната вредност на струјата – открива ревизијата. Концесионерите пак не уплатиле над 370.000 евра во буџетот на име надоместок за водно право. А дури 17 од нив, од формирањето до денеска не уплатиле ниту денар во државната каса.

Ова се само дел од неправилностите кои ги откриле ревизорите во ревизијата за експлоатацијата на водните ресурси при производство на електрична енергија. Тие препорачуваат државата пазарно да ги прилагоди повластените тарифи. А неправилностите кои ги утврдиле велат укажуваат на ерозија на цел тој систем.

Главните неправилности во суштина се однесувата на она што значи процент на производство на електрична енергија од малите хидроелектрани. Ќе костатираме дека некаде малите хидроелектрани учествуваат со 4 проценти во производството на вкупната електрична енергија која на државата и е потреба.Високиот износ на средства кои државата ги плаќа на име повластена тарифа, а тоа е некаде околу 90 милиони евра. Неуплатените средства од страна на малите хидроелектрани. И сето тоа во суштина предизвикува несоодветно постапување, а на крајот од краиштата ние имаме и непочитување на правилата за заштита на животната средина, изјави главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Јавните повици за дури 61 процент од доделените концесии биле  објавени пред донесување на стратешките документи и се водени врз  основа на стари хидролошки податоци. Постапките пак биле спроведени без направена оценка на влијанието врз животната средина. Поради слабости при планирањето и изборот на локации, не биле  склучени договори за концесија за над 65  проценти од објавените локации – утврдила ревизијата.

Ревизорите предупредуваат дека за дел од доделените локации има застој не по вина на концесионерот, а дел се опфатени во заштита на појас за национален парк, има опасност да бидат раскинати и да се плаќаат пенали од буџетот.

До крајот на минатата година во земјава биле изградени 117 хидроелектрани, од кои  96 се со статус на повластени производители.  Договорите се склучени на 20 години. Извештајот на ревизорите е за  периодот од 2012 година до денес. А во институциите за овој период се сменија повеќе министри и директори. А извештајот на  ревизорите веќе е испратен до Јавното обвинителство, кое треба да утврди дали и за кого ќе покрене постапка.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владика Петар: Внимавајте за кого ќе гласате за да не се случи „слепец слепи да води“

Дејан Дејан

Велигден со пораки за здравје, љубов, меѓусебна почит и обединување

Дејан Дејан

Осигурителните фирми треба да одлучат дали ќе им вратат пари на граѓаните кои платија поскапо осигурување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе