Половина од свето Велигденското послание, митрополитот Преспанско-пелагониски г .Петар го посвети на претстојните избори, но и изборот кој човек го има во животот. Тој рече дека во Македонија, во ова Воскресенска седмица, ќе се избира претседател на државата и пратеници во парламентот на кои им укажа да не ги запоставуваат духовните, културните, националните вредности. Граѓаните, пак, ги предупреди да внимаваат кому ќе го дадат својот глас на претстојните избори, за да не се случи, како што рече, „слепец слепи да води“. Иако е рече убеден дека народот е мудар и знае да направи правилен избор, сепак ги потсети гласачите дека во спротивно тие ќе бидат виновни пред својата совест
„Граѓаните, пак, особено оние од Православна вера, секогаш да имаат при ум дека се царско свештенство и избран народ, и затоа должни се да гласаат и изберат претставници и водачи кои што се одликуваат со морални вредности и ги исполниле или ќе ги исполнат ветувањата, за да не се случи втората измама да биде полоша од првата, т.е. слепец слепи да води“, рече во Велигденското послание Г. Петар, mитрoполит Преспанско-пелагониски.
Во животот од најмала возраст сме исправени пред избор, рече владиката Петар и додаде дека избираме играчка, друштво, училиште, брачен другар, возило, стан или куќа. Но, вели клучно е дали ќе го избереме Бог или ѓаволот.
„Одлуката е само наша. Затоа да направиме вистински избор меѓу доброто и злото, меѓу Бога и ѓаволот, прифаќајќи ги доброто и Бога, а отфрлајќи го злото и ѓаволот. Ако го направиме тој избор, ние навистина ќе бидеме слободни, бидејќи нема да му робуваме на злото и ѓаволот“, рече Владиката Петар.
Владиката не спомена ниту име ниту партија, а е познат по својот став дека Црквата не ја нарушува секуларноста ако свештенството ги искаже своите политички ставови. Тој знае со своите изјави да предизвика реакции во јавноста, па така на панихида за смртта на војводата Методија Патче, во време на политички превирања кога се формираше Владата во 2017 година, ја запеа песната Послушајте Патриоти, а можеше да се види и на протести на опозицијата. Но, сепак најголем револт предизвика неговиот став во велигденското послание пред две години, кога жестоко го нападна феминизмот и рече дека родовата еднаквост е изопачена.
Емилија Мисирлиевски