Со воведен говор на одбраната, во Основниот Кривичен суд – Скопје денеска продолжи судењето за убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред ноќен клуб во градскиот парк во Скопје.
Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Тот, Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски, на изминатото, прво рочиште пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.
На првото рочиште од процесот, обвинителката Тања Трајчевска, исто така, го даде воведниот говор на Обвинителството во кој го образложи обвинителниот акт со кој го опиша настанот во кој хрватскиот ракометар беше претепан до смрт.
Трајчевска посочи на листата на докази со кои располага Обвинителство, а помеѓу кои се записник за претрес на дом и други простории, потврди за привремено одземени предмети, со кои што, како што рече, е одземена облеката од оштетениот и дел од облеката на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски.
Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ.