Исчезнувањето на внукот на Љубе Бошкоски е пријавено пред три дена кога било пријавено во МВР дека на Самоил Костадиновски му се губи секаква трага.
–На 04.03.2023 во 08.00 часот во СВР Скопје, М.К.(32) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот брат С.К.(26). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето, информираат кусо МВР.
Момчето живее во Ново Лисиче во општина Аеродром. Самоил Костадиновски е син на братот на сопругата на Љубе Бошкоски. Сопругата на Бошкоски потврдила со изјава за ММС.мк дека нејзиниот внук го нема.
-Веќе четири дена го нема, никој ништо не знае, а полицијата трага. Излегол од дома, наводно го викнале накај Кисела Вода или Драчево. Некој човек, кај што го оставиле автомобилот кажал дека излегол од својот автомобил и влегол во друг, каде имале тројца луѓе. Потоа кажале дека тоа се било кај чешката амбасада, наводно префрлен во украден автомобил. Засега никој ништо не знае, а телефонот му е исклучен, вели Виолета Бошкоска за ММС.мк и додава дека семејството не знае која е причината, а Самоил дома не зборувал дека имал некакви проблеми.
На социјалните мрежи беше објавен и апел за помош од граѓаните. Во објавата се вели дека се сомневаат дека Костадиновски бил киднапиран. Бидејќи исчезнал во близина на Чешката амбасада откако таму го оставил своето возило и заминал во возило со други луѓе кои го чекале таму. Објавата на социјалната мрежа потоа била повлечена на конкретниот ФБ профил.