Вести Свет Топ вести

Волстрит журнал дознава: Израел брзо ќе одговори на нападот на Иран

Волстрит журнал цитира американски и западни официјални лица кои предвидуваат дека Израел брзо ќе одговори на нападот на Иран, веројатно уште денес.

Намерата на израелските власти е да преземат акција координирана со Соединетите Американски Држави – јавува израелскиот канал 12, пренесува Ројтерс.

Американските медиуми, пак, пишуваат дека САД нема да учествуваат во евентуалниот израелски одговор против Иран.

Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон денеска го повикаа Израел да избегне натамошна ескалација на конфликтот со Иран, јавуваат светските агенции.

Во обраќање пред Долниот дом на парламентот британскиот премиер Риши Сунак истакна дека разговарал со колегите лидери на Г7 и сите се обединети во нивната осуда на нападот на Иран во саботата, додавајќи дека наскоро ќе разговара со израелскиот премиер за да изрази солидарност и да разговара за деескалација.

„Тоа беше непромислена и опасна ескалација. Ако успееше, последиците за регионалната безбедност и за израелските граѓани ќе беа катастрофални. Но, господине претседателе, тоа не успеа. Kако поддршка на сопствената одбранбена акција на Израел, Обединетото Кралство се приклучи на меѓународните напори предводени од САД, заедно со Франција и партнерите во регионот, кои ги пресретнаа речиси сите проектили што спасија животи во Израел и неговите соседи. Испративме дополнителни сили во регионот како дел од нашите постоечки операции против Исламска држава во Ирак и Сирија и можам да потврдам дека нашите сили уништија голем број ирански беспилотни летала. Обезбедивме и важна разузнавачка, надзорна и извидувачка поддршка за нашите партнери“, рече Сунак.

Државен секретар на САД Ентони Блинкен, ја истакна координираната акција која спречи екскалација на конфликтот.

„Како што му нагласи претседателот Бајден на премиерот Нетанјаху, САД се посветени на одбраната на Израел. И мислам дека она што се покажа овој викенд е дека Израел не мораше и не мора сам да се брани кога е жртва на агресија. За 36 часа оттогаш, ние во координиран дипломатски одговор спречивме ескалација, силата и мудроста треба да бидат испратени на истите страни, на различните страни на истата монета. Во блиска комуникација со колегите во регионот и ние ќе продолжиме да го правиме тоа во часовите и деновите што следат, не бараме ескалација, но ќе продолжиме да ја поддржуваме одбраната на Израел и да го штитиме нашиот персонал во регионот“, истакна Блинкен.

Во истовреме и италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека неговата земја е отворена за нови санкции за поединци вклучени во акции против Израел.

„Ако треба да имаме повеќе санкции за луѓето јасно ангажирани против Израел, поддржувајќи го на пример тероризмот, поддржувајќи го Хамас, можно е да го направиме тоа“, изјави Тајани за новинската агенција Ројтерс.

Но, тој додава дека земјите од Г7 – Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, САД и Велика Британија – ќе треба да бидат „многу сериозни и да работат сите заедно“.

Со меѓусебни обвинувања меѓу Иран и Израел и без заклучок мина итната седница на Советот за безбедност при Обединетите Нации. Иранскиот амбасадор го осуди израелскиот напад врз иранското дипломатско претставништво во Дамаск, неговиот израелски колега, пак, возврати во ист стил за воздушниот напад со дронови, балистички и крстосувачки ракети од официјален Техеран. Амир Саид Иравани го обвини Израел дека е главна закана за мирот на Блискиот Исток, за Гилад Ердан, пак, тоа е Иран. Двајцата го повикаа Советот за безбедност да воведе санкции – Иран бара казнување на Израел, Израел, пак, на Иран.

Техеран, според западни извори, ноќта меѓу саботата и неделата истрелал 185 дронови, 36 крстосувачки проектили и 110 ракети земја-земја, како одговор за изралескиот напад врз иранското дипломатско претставништво во главниот на Сирија во кој загинаа и високи воени лица. Најголем дел од дроновите, проектилите и ракетите наводно ги собориле Израелците надвор од нивната територија, а во одбивање на иранскиот напад учествувале и американски и британски трупи.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Ќе ја вика Македонија, пред табла Северна Македонија, зашто нема Јужна Македонија, Силјановска за уставното име, а Пендаровски вели секој си има свој став, ама во дипломатијата има протестни ноти

Дејан Дејан

Скопјанец паднал во отворена шахта во центарот на главниот град

Дејан Дејан

Силјановска Давкова: Она што се случува денеска е резултат на тоа што ветингот беше само реторика

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе