Работниците на автопатите на Бехтел и Енка може да работат и по 72 часа неделно. Уставниот суд, на денешната седница, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Законот за работни односи, кои беа донесени за изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10д.
Не би можела да коментирам во однос на тоа кој како гласал. Она што може да го кажам како официјална изјава на Уставниот суд е дека не е едногласно, рече портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска.
Со измените на законот се предвидува дека прекувремената работа на проекти од стратешко национално значење „може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно, по претходна писмена согласност на работникот“, но нема горна граница.
Со претходните измени се предвидуваше работниците на автопатите на Бехтел и Енка да може да работат по 60 часа неделно, но таа одлука во 2022 година падна на Уставниот суд. Судиите тогаш аргументираа дека тоа „всушност значи откажување од правото на дневен и неделен одмор, имајќи ја предвид должината на работното време…“. Сега сметаат дека на овој начин не се загрозува правото на гарантиран дневен одмор од 12 часа и неделен одмор од најмалку 24 часа.
Според Уставниот суд, неосновани се наводите дека не е предвидена горна граница на прекувремената работа, бидејќи според Судот, таа е определена токму во ставот 2 на оспорениот член, односно дека работата над 40 часа неделно се смета и се плаќа како прекувремена работа, со задолжително почитување на дневен и неделен одмор, рече портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска.
Теоретски, сега на работниците на овие автопати им се дава можност да работат шест дена во неделата по 12 часа дневно, односно вкупно 72 часа неделно, или 32 часа прекувремено. Според законот, останатите вработени може да работат прекувремено по 8 часа неделно, односно работната недела да трае до 48 часа.
Уставниот суд смета дека писмената согласност е дополнителна гаранција за заштита на работниците.
Иницијатива за уставноста поднесоа политичката партија Левица, Хелсиншкиот комитет на Македонија, Сојузот на Синдикати (ССМ) и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП).
Во текот на дискусијата, само судијата Дарко Костадиновски беше на спротивен став од своите колеги и сметаше дека треба да се поведе постапка.
Ако законот беше добар за работниците, Синдикатите ќе го пофалеа, наместо да го обжалат, рече тој на дискусијата.
Новата уставна судијка, Ана Павловска Данева, која има искуство и во носењето закони како пратеничка, вели дека има многу закони кои се лоши или лошо напишани, но Уставниот суд нема надлежност да ги укинува ако тие формално не се противуставни.
Во однос на забелешките дека одредбите од Законот за работни односи се косат со одредби од други закони, како Законот за безбедност и здравје при работа, Судот смета дека не е надлежен да ја оценува меѓусебната усогласеност на различни закони.
Според Судот, за здравјето и безбедноста при работа е надлежен Трудовиот инспекторат. Се претпоставува дека работниците нема да ја користат можноста за прекувремена работа на штета на своето здравје.
Синдикатите изразија разочарување и револтираност од одлуката.
Очигледно дека во Македонија одамна нема достоинство и пристојност, а владеењето на правото е исклучиво право на бизнисот и богатите наспроти работниците и сиромашните. Денешната Одлука на Уставниот суд е печат на модерно ропство како краен облик на искористување на луѓето од други луѓе, односно од странци дојдени да ги експлоатираат македонските работници, нешто што се случувало од колонизаторите во минатиот век, а се случува и денес во срцето на Европската унија во 2024 година, реагираа Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП).
Оспорен беше и членот според кој министерот за финансии, во согласност со министерот за труд и социјала, го пропишува начинот и местото на исплата на плата на работниците на објекти од стратешка важност. Судијата Костадинов смета дека ова е противуставно, зашто Уставот вели дека правата на вработените се уредуваат со закон или колективен договор, а не со подзаконски акт. Судот, сепак смета дека со ова не се загрозува правото на работникот на плата.
Заради изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10д, Собранието во мај минатата година, по брза постапка, донесе измени на пет закони, меѓу кои и на Законот за работни односи. Претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот на 29 мај.
Автопатите Тетово – Гостивар – Букојчани, Прилеп – Битола и Струга – Ќафасан треба да бидат готови за 5 години, а нивната изградба ќе чини 1,3 милијарди евра.
Срѓан Стојанчов