Вести Свет Топ вести

Русија се сомнева во тврдењата на САД дека терористичкиот напад во Москва е дело на ИД

Руските власти и натаму изразуваат сомнеж околу тврдењата на САД дека Исламска држава е одговорна за терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ во близина на Москва во којшто загинаа 137 луѓе, а беа повредени 182. Според нив, во масакрот е вмешана Украина, но Киев демантира – тврдењата на официјална Москва се апсурдни.

Вашингтон потсети дека американската амбасада во Русија две недели претходно предупредила за опасност од можни терористички напади. По сомнежот на шефот на кремљ Владимир Путин, тврдењата на САД ги доведе во прашање и портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова којашто во колумна за руски весник напиша: „Прашање до Белата куќа: Дали сте сигурни дека е ИСИС? Можеби би требало повторно да размислите за тоа“.

Франција којашто има историјат со терористички напади со фатален исход му изрази поддршка за рускиот народ и најави зголемување на обезбедувањето на свој терен, особено пред Олимписките игри летово. Француската армија се бори против исламистичките екстремисти во Африка и на Блискиот Исток.

Конкретно оваа група којашто е вмешана во нападов направи неколку неуспешни обиди на наша територија и со оглед на проширеноста на мрежата и нивните намери и како мерка на претпазливост врз основа на цврсти и конкретни докази, ние решивме да го зголемиме нивото на закана. Се сеќавате дека го намаливме на почетокот на годинава откако беше подигнато по нападот во Арас, изјави францускиот претседател.

Инаку, синоќа во Окружниот суд Басмани во Москва беа изнесени четворицата осомничени за петочниот масакр коишто се државјани на Таџикистан. Кај сите имаше видливи знаци на примена на физичка сила при испрашувањето, а едниот од нив беше во полусвесна состојба.

За тероризам се обвинети 32-годишниот Далерјон Мирзојев, 30-годишниот Сајдакрами Рачабалидоза, 25-годишниот Шамсидин Фаридуни и 19-годишниот Мухамадсобир Фаизов. По прелиминарното сослушување, двајца од нив признале вина. За ова злосторство е предвидена казна од доживотен затвор. Притворот пред судењето ќе им трае до 22 мај.

Четворицата мажи кои вчера се појавија во московскиот суд, според соопштението на Руската федерална служба за безбедност (ФСБ), биле уапсени 14 часа по нападот во областа Брјанск, оддалечена околу 400 километри југозападно од Москва.

Петочниот напад се смета за најсмртоносниот на руската територија во последните две децении.

Маја Стојановска Филдишев

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе