Вести Македонија

Шестмина осомничени за уривањето на хотелот Шар Ан добија 30 дена притвор, четворица домашен притвор, а еден мерки за претпазливост

Шестмина осомничени за уривањето на хотелот Шар Ан во Старата скопска чаршија добија 30 дена притвор, четворица завршија во домашен притвор, а еден доби мерки за претпазливост.

Двајцата првоосомничени се недостапни и во притвор треба да бидат однесени по апсењето.

Поранешни и сегашни функционери се ујдисале со други луѓе за незаконски да го урнат хотелот Шар Ан, кој се наоѓа во заштитено подрачје во Старата скопска чаршија, да го пренаменат земјиштето од изградено во неизградено, за да можат да му ја продадат парцелата од 962 квадратни метри во срцето на Чаршијата на приватно лице.

До продажбата не дојде, земјиштето сè уште е во државна сопственост, но штетата е направена – историскиот хотел Шар Ан, веќе не постои. Бил урнат во октомври и ноември минатата година. Обвинителството ги сомничи дека го оштетиле буџетот за 3 милиони евра. Непознато е што требало да никне на локацијата во непосредна близина на црквата Свети Спас и гробот на Гоце Делчев.

На старите воздушни снимки од Катастар се гледа дека на локацијата постои објект, но во имотниот лист парцелата во сопственост на Република Македонија се води како неизградено градежно земјиште.

Министерката за култура во синоќешната Топ Тема рече дека додека градежниот инспектор дошол да го запре уривањето, багерите веќе ја завршиле работата. Таа се надева дека виновните ќе бидат најстрого казнети.

„Еден од поранешните в.д. директори на Управата за заштита на културно наследство е осомничен, еден поранешен директор на Градскиот конзерваторски центар, од она што го видов во соопштението на МВР, и за жал и сегашниот директор на Градски конзерваторски центар Скопје, така што јас се надевам дека ова ќе се расветли и дека сите што се одговорни, без разлика која функција ја носат, ќе одговараат пред законот“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Шар Ан, мапа
Шар Ан, мапа

Опозицијата реагира дека кадрите на СДСМ и нејзините коалициски партнери се организирани во криминална банда.

„Неспорна е одговорноста на раководителите на институциите, но неизбежно е прашањето за одговорноста и на другите раководни државни службеници во истите тие институции“, реагира Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

Багерите играле токму пред носот на Националниот конзерваторски центар Скопје кој се наоѓа во црквата Свети Спас, на 20-тина метри од урнатиот хотел. Во случајот се осомничени и сегашниот директор Константин Димитров и поранешниот Коле Чапкановски. Осомничен е и поранешниот в.д. директор на Управата за заштита на културно наследство Аријан Арсланај.

Првоосомничен е поранешниот претседател на Одборот на директори на акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор Мухамед Љамалари. Втор е човекот што требало да ја купи парцелата, а трет е сегашниот директор, а тогашен советник во Конзерваторскиот центар Константин Димитров. Осомничени се и поранешен заменик директор и вработен во Катастар, четворица сопственици и еден вработен во градежна фирма.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Судскиот Совет одобри притвор и му го одзеде имунитетот на приведениот врховен судија Наќе Георгиев

Дејан Дејан

Албанија на второто место во светот по баратели на азил до 18 години на 10.000 жители

Дејан Дејан

Врховниот судија Наќе Георгиев уапсен за вмешаност во поткуп од 10.000 евра во врска со случајот на поранешниот градоначалник на Ново Село кој беше фатен во шверц на марихуана

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе