Во наредните две недели ќе биде поднесен обвинителен акт за случајот со киднапирањето и убиството на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. Ќе бидат обвинети соучесниците, за обвинение за првоосомничениот дека е директен извршител на убиствата, Љупчо Палевски Палчо, кој пред неколку дена беше екстрадиран во Македонија, ќе се почека, дознава Код.
Извесно е дека обвинение ќе биде поднесено против тројцата осомничени соучесници во киднапирањата и убиствата – Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски и оти за нив обвинителството ќе побара најстрога казна – доживотен затвор. Тие во истрагата признале вина и ја одведоа полицијата до местата каде што биде закопани убиените.
Кога ќе седнат на обвинителна клупа сè уште не се знае. По поднесувањето на обвинителниот акт, обвинетите имаат 8 дена за приговор. Ако не поднесат приговор, тогаш судот го одобрува, а судење треба да се закаже за 30 дена. Со оглед на тоа што признале вина, се очекува судењето против нив да почне брзо.
Засега е нејасно дали ќе биде поднесено обвинение против таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи за помагање при грабнувањето на неговата ќерка, со тоа што давал информации за нејзиното движење. Тој тврди дека е невин. Запретената казна за такво кривично дело е до 10 години затвор.
Исто така треба да се почека дали ќе биде поднесено обвинение против Стефан Димковски, осомничен дека со свое возило го превезувал Палевски од Белград, преку Бугарија до Турција, каде што беше уапсен. Тој се сомничи за помагање во бегството. Тој исто така тврди дека е невин. Кога го возел Палчо, не знаел дека полицијата трага по него. Обвинителството се сомнева дека сепак некаде по пат дознал, но продолжил да му помага.
Тие двајца засега се осомничени, но ако обвинителите сметаат дека нивната вина може да ја докажат пред суд, и за нив ќе поднесат обвинителен акт.
Обвинителството соопшти дека истрагата е во завршна фаза.
Со оглед на тоа што тврдат дека се невини, многу веројатно е дека ќе поднесат приговори или листа на докази кои предлагаат да се изведат на главна расправа, а законот не предвидува рокови до кога судот треба да одлучи за прифаќање на обвинителниот акт, па процесот за нив може да се одолжи со месеци.
За обвинение за првоосомничениот како организатор на киднапирањата и директен извршител на убиствата Љупчо Палевски ќе се почека. Тој само пред неколку дена беше донесен во истражниот затвор во Шутка од Турција каде што беше уапсен. Според информациите на Код, обвинение против него ќе биде поднесено посебно, а постапката веројатно ќе се спои во текот на судењето. Во писма што ги објави неговата политичка партија Десна, тој исто така тврди дека е невин, дека е жртва на линч и оти доказите ќе ги презентира пред суд.
Истрагата за киднапирањата и двојното убиство беше отворена на 6 декември минатата година. Според законот за кривична постапка, осомничените може да се држат во притвор пред поднесување на обвинение најмногу 180 дена, кои истекуваат на 2 јуни и за тоа за тројцата осомничени соучесници мора да биде поднесено обвинение. По поднесувањето, тие може да бидат задржани во притвор уште две години.
Кои се мотивите?
Утврдувањето на мотивите не е нужно за да се донесе пресуда за киднапирањата и убиствата. Сепак, истрагата и судењето треба да фрли светло врз тоа што ги натерало овие луѓе да учествуваат во вакви грозоморни дела, кои ја потресоа целата македонска јавност.
Исказите кои ќе ги даде првоосомничениот Љупчо Палевски пред обвинителите или пред судот може да разјаснат дел од дилемите.
Според првичните информации од истрагата, девојчето било киднапирано заради изнуда, но работите излегле од контрола и детето било убиено. Пензионерот Панче Жежовски од Велес бил убиен за неговото возило да биде искористено за грабнувањето на девојчето. Осомничените го познавале од претходно затоа што заедно трагале по закопано злато и артефакти. Наводно им должел 500 евра. Со оглед на тоа што во моментот на исчезнувањето на Вања се води како исчезнат, обвинетите веројатно сакале да го префрлат сомнежот врз него. Него го нема, а детето било грабнато со неговиот Ситроен.
Многу е веројатно различни обвинети да имале различни мотиви за грабнувањата. Убиството на детето веројатно не било планирано, барем не од соучесниците.
Палевски им кажал на соучесниците Кешишев, Манев и Видевски дека ќе го грабнат детето за да изнудат пари од имотната мајка. Тие во него гледале огромен авторитет и го доживувале речиси на ранг на божество. Во опскурната партија Десна во која сите членувале, го нарекувале Палевски – Папата. Но, прашање е дали Палчо можеби немал поинаков мотив.
Што се случи?
74-годишниот Панче Жежовски од Велес исчезнува на 22 ноември, а неговата ќерка го пријавува исчезнувањето два дена подоцна. Бил убиен истиот ден по киднапирањето во попладневните часови и закопан во дупка во близина на Велес. Пет дена подоцна, неговиот Ситроен е искористен за киднапирањето на Вања во влезот од нејзината зграда, наутро, во моментот кога тргнувала на училиште. Киднаперите ја врзуваат и ја возат во атарот на скопското село Бразда, каде што набрзо ја убиваат.
Таа обично одела на школо заедно со помалата сестра, но тој ден не биле заедно. Прашање на истрагата треба да даде одговор е дали мета била само убиената Вања или можело да настрадаат и двете деца.
Осомничените соучесници во истрагата рекле дека Палчо им кажал во колку часот излегува Вања и оти ќе биде сама. Овие информации, според осомничените, Палчо наводно ги добивал од таткото на девојчето. Тој негира.
За вината на таткото засега нема директни докази, туку посредни индиции.
Сомнеж врз него фрла што осомничените, без никаков повод го споменале неговото име, како и телефонскиот повик и разменетите текстуални пораки со ќерките вечерта пред грабнувањето.
Утредента по грабнувањето, таткото почнува сопствена истрага и прибира снимки од камерите од околните дуќани, и наводно токму тој го идентификува Ситроенот и ѝ ги дава тие информации на полицијата. На истражителите исто така им е сомнително како знаел која кола да ја гледа.
На почетокот на годинава, контроверзниот српски политичар Срѓан Ного, објави снимки од надзорните камери кои го покажуваат движењето на Ситроенот, кобното утро на 27 април. Ного тврди дека таткото на Вања не е виновен, туку дека токму тој, а не полицијата го открила случајот.
Предмет на истрага е и како тие снимки завршиле кај српскиот политичар.
Таткото исто така поседува станови во Скопје и потекнува од богато семејство, па е нејасно зошто за пари би учествувал во киднапирањето на неговата ќерка.
Таткото и мајката на убиеното дете биле разведени, а станот во кој живеела мајката со децата се води на име на таткото. Со оглед на тоа што тој стан е наследство од родителите на мајката на Вања, прашање е зошто бил препишан на името на таткото, со кој била разведена. Како можност остануваат и нерасчистени должнички односи меѓу Палчо, чија фирма ја изградила зградата, и дедото на убиената Вања, Ванчо Лазаров, поранешен директор на Царина.
Срѓан Стојанчов