Вести Свет Топ вести

Сите опции се на маса, порача лидерот на Хезболах од Либан

По речиси еден месец од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел, лидерот на Хезболах прв пат проговори за последниот конфликт во Појасот Газа. Моментот на неговата прва изјава очигледно е избран кога во регионот повторно е американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој од почетокот на војната ги користи сите дипломатски средства за спречување на проширувањето од конфликтот. Од Нетанјаху, до Бајден и Блинкен, сите му порачаа на Хезболах да не се вклучува во војната, откако групата започна со спорадични напади врз израелските сили на северот од земјата по нападот на Хамас на 7 октомври. Токму поради тие предупредувања лидерот на Хезболах, Хасан Насрала порача дека сите опции се на маса.

„Вашите флоти во Медитеранот не нѐ плашат, и нема да нѐ плашат ниту во иднина. Најискрено ви кажувам дека тие флоти со кои што ни се заканувате, имаме подготвено опции и за нив.“, изјави Сајед Хасан Насрала – Лидер на Хезболах

Во својот говор, кој беше емитуван на собир на приврзаници на Хезболах во Бејрут, затоа што Насрала со години веќе не се појавува во јавност стравувајќи од атентат, се правдаше дека нападите кои неговите милитантни ги извршуваат на границата помеѓу Израел и Либан можеби се чинат недоволни во очите на сојузниците Хамас во Газа, но и порача дека тоа нема да биде крај.

И додека Насрала се фалеше дека на границата со Израел Хезболах има распоредено многу борци и воени залихи, израелската армија соопшти дека е во многу високо ниво на тревога, и подготвена да одговори на се што ќе направи Хезболах.

„Во врска со северот: Повторувам и им порачувам, не правете грешка. Грешка која ќе ве чини многу. Ќе платите цена каква што не можете да замислите.“, изјави Бенјамин Нетанјаху – Премиер на Израел.

Американскиот државен секретар денеска повторно повика на привремен прекин на огнот за да се достави потребната хуманитарна помош во Газа, но Нетанјаху рече дека тоа не доаѓа во предвид се додека Хамас не ги ослободи сите заложници кои ги крие во појасот.

Игор Трајков

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе