Вести Свет Топ вести

ОН: Две од четирите наши училишта во Газа кои се засолниште за илјадници цивили се уништени во последните 24 часа

Обединетите нации објавија дека две од четирите нивни училишта кои се користат како засолништа за цивилите во Газа се уништени во последните 24 часа, како резултат на силното израелско бомбардирање во изминатите два дена. Едното се наоѓа во бегалскиот камп Џабалија, најголемиот во енклавата, а второто во Ал Шати. И двете локации се наоѓаат во северниот дел на Појасот. Во нападите, како што додадоа, се убиени најмалку 20 лица, меѓу кои и деца, како и пет повредени.

Болниците во Газа се под сериозен ризик од прекин на работата. Животите на стотици пациенти зависат од доставата на гориво во Појасот. Портпаролот на ОН рече дека се вложуваат натчовечки напори да се убеди Израел да дозволи увоз на енергенси за непречена работа на медицинските установи, но и за враќање во нормала на телекомуникациските услуги.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одговори дека нема одобрение за испорака на гориво за Газа. Неговиот одговор следуваше по изјавата на израелски воен претставник дека армијата би се согласила за влез на гориво во Појасот само доколку се добијат гаранции дека количините ќе завршат во болниците, а не и до Хамас.

Државниот секретар на САД по вторпат се враќа на Блискиот исток во период од неколку недели, со цел да изрази поддршка за Израел, но и да изврши притисок за опасноста по цивилите во Газа да се сведе на минимум. Меѓу целите на неговата посета ќе биде и пораката за спречување на секаква ескалација на војната во регионот, како и да продолжи евакуацијата на странските државјани од Појасот. Според Белата куќа, Блинкен ќе побара од израелските власти т.н. „локализирани хуманитарни паузи“ во нападите врз Газа.

Американскиот претседател, Џо Бајден пак изјави дека 74 Американци со двојно државјанство денеска ја напуштиле Газа.

Во петтата и досега далеку најкрвава војна помеѓу Израел и Хамас во Газа, започна откако милитантите на Хамас на 7 октомври навлегоа длабоко во јужен Израел убивајќи 1.400 лица, а назад во Газа одвлекоа повеќе од 240 заложници. Според Хамас, во израелските воздушни напади досега загинале повеќе од 9.000 цивили, од кои дури 3.760 се деца, а повредени се над 32.000 лица.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе