Функционер кој сторил злоупотреба на службена положба со што стекнал значителна имотна корист според актуелниот кривичен законик може да добие затврска казна од три до максимални 20 години. Со законските измени што се дискутираат во Собранието, за истото дело може да добие од една до најмногу пет години затвор. Не само што горната граница е четирикратно намалена за четири пати, се намалува и периодот на апсолутна застареност за гонење.
Ако сега апсолутното застарување е 40 години од извршување на злоупотребата доколку минат измените, гонење се намалува на 10 години. Тоа значи дека обивнетите кои сториле ваква злоупотреба до 2013 година и сè уште немаат правосилна пресуда, годинава веќе им застарува делото за гонење. Тука спаѓаат и дел од обвинетите во предметите на СЈО.
Сличен ефект има и измената кај делото злосторничко здружување. Организаторот на групата која врши кривични дела, наместо максимални 10 години, се предлага да се намали на максимални три години. И гонењето за ова дело апсолутно ќе застарува за 10 години, наместо како сега за 20.
Релативната застареност за овие дела е уште пократка. Така за функционери кои пред пет години сториле злоупотреба, ако истражните органи не презеле ниту едно дејство, може веќе и да им застари.
Дополнително во членот злоупотреба на службената положба се брише ставот кој се однесуваше на злоуптреба при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот, за кој казните беа од пет до 20 години затвор. Со оваа одредба се опфатени најголем дел од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои беа обвинети од СЈО.
Иако во образложението на предлог законот се вели дека се врши усогласување со европските директиви во ниту еден од пропратните документи нема конкретна регулатива или друг европски акт со кои може да се поврзат измените на членовите за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, што не е случај со останатите измени што се предлагаат во КЗ.
Јавноста и невладините со бурни реакции. Социјалните мрежи вријат до толку што се појавија и слики од скинати дипломи од правен факултет. Од Транспаренси интернешенл Македонија бараат повлекување на предлог законот. Велат станува збор за тивка амнестија. Предложените измени се спротивни на заложбата за безусловна борба против корупцијата и за засилени санкции против лицата кои се обвинети или осудени за коруптивни кривични дела.
„Со ваквото законско решение многу обвиненија и истраги за висок коруптивен – финансиски криминал сторен на штета на државата ќе се соочат со застареност. Оваа практика на носење на закони по мерка веќе ја имаме препознато и нотирано во времето кога требаше да се обезбедат гласови за Преспанскиот договор. Законите што се скроени по мерка претставуваат релативно нов облик на корупција на високо ниво, каде што законите и прописите тивко се донесуваат или се изменуваат во полза на приватните интереси на некое лице или претпријатие“, велат од Транспаренси Интенешенл Македонија.
Професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека не е тој што треба да каже кои се мотивите што се намалуваат казните за злоупотреба од службени лица, но смета дека казните во КЗ сега се многу строги.
Последните години по серијата застарувања во предмети на СЈО во јавноста се дискутираше опцијата делата за функционерите да добијат и повисок праг на застарување, па дури и воопшто да не застаруваат, но во Собрание влезе закон кој има целосно спротивен ефект.
Овие измени на Кривичниот законик, Владата ги договорила на седницата одржана на 29 август, но во соопштението до медиумите нема информација за тоа.
На предлог-измените потпишана е заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ. Таа ги бранеше и во Собранието неофицијалните информации од правда се дека министерот не бил убеден дека ова е вистинското решение.
Досега имаше неколку обиди интервенира во делото злоупотреба на службената положба. Пред неколку години беа најавени законски измени кои не добија пробив во Собранието, а не мина ниту иницијатива пред Уставниот суд.
Елена Ивановска Мукоска