Вести Свет

Израел го усвои контроверзниот закон со кој му се намалува моќта на Врховниот суд врз политичките одлуки

Израелските пратеници го усвоија контроверзниот закон со кој на Врховниот суд му се ограничува моќта за некои владини одлуки кои ги смета за неразумни. Ова е само една од жестоко оспоруваните реформи насочени кон судовите што треба да бидат одобрени.

Владата тврди дека мерките се неопходни за да се поправи нерамнотежата во моќта поради која судовите се повеќе интервенираат во политичките одлуки во последните децении.

Опозицискиот лидер Јаир Лапид го нарече чекорот „преземање на екстремното малцинство над израелското мнозинство“.

Денеска е тажен ден. Ден на уништување на храмот. Ден на бесплатна омраза. Гледам коалицијата како слави и прашувам што слават? Дека ја растурате еврејската држава што ја имаме? Дека луѓето кои служеле заедно во резервите триесет години го откажуваат годишниот состанок затоа што знаат дека ќе заврши лошо? Оваа екстремна власт се гушка и позира за да го слави моментот кога направија да не сме повеќе браќа. Го слават моментот кога успеаја да фрлат во отпад од историјата се што не поврзува.

Денеска премиерот Нетанјаху покажа слабост која до сега не сме ја виделе. Нема премиер во Израел. Нетанјаху стана марионета на низа месијански екстремисти, изјави Лапид. 

Планираните реформи ги предизвикаа најголемите протести во историјата на Израел, а демонстрантите и правните експерти предупредуваат дека со ваквата одлука се загрозува демократијата на Израел.  Додека се гласаше, опозицијата извикуваше „срам“, а потоа ја напуштија седницата. Полицијата во истовреме се судри со демонстрантите кои го блокираа патот пред Кнесетот. Беа испрскани со водени топови и солзавец за да се растераат. Повреден е еден демонстрант, а уапсени се шестмина.

Демонстрантите со недели маршираа против спорните судски реформи кои ја поделија државата. Илјадници луѓе излегоа на улиците, а некои од нив дојдоа пеш од Тел Авив до Ерусалим, што е околу 70 километри.

Кризата дополнително се продлабочи, откако резервистите, вклучително и пилоти во воздухопловните сили кои се клучни за офанзивните и одбранбените способности на Израел, ветија дека нема да волонтираат во служба. Сето ова предизвика тревога поради потенцијалното влијание врз воената подготвеност на Израел. Против реформата се и поранешни шефови на израелските безбедносни служби, главни судии и истакнати правни и деловни личности.

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 05.05.2024

Дејан Дејан

Им дал 25.000 евра, но наместо торба полна со денари, му дале торба со ливчиња – скопјанец наседнал на измама од двајца странски државјани

Дејан Дејан

(Видео) Повредени 155 полицајци, уапсени 74 навивачи – хаос во Берлин на меч од четврта фудбалска лига

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе