Вести Македонија

Експлоатацијата на јаглен ја уништи источната периферија на локалитетот „Влахо“ кај Живојно, посочуваат од Центарот за истражување на предисторијата

Aрхеолошкиот локалитет „Влахо“ кај Живојно и натаму се оштетува, поради експлоатација на јаглен, предупредуваат од Центарот за истражување на предисторијата на социјалните мрежи.
„И покрај укажувањата на Управата за заштита на културно наследство и Завод и музеј – Битола да се запре оштетувањето на локалитетот пред негово истражување, за жал, противзаконски се продолжи со копањето за јаглен во рамки на оваа значајна неолитска населба. Како резултат на овој крајно неетичен чин, целосно е уништена источната периферија на локалитетот, со што е оневозможено негово истражување и трајно се изгубени битни информации поврзани со животот во неолитот“, се вели во постот на Центарот за истражување на предисторијата на Фејсбук.
Од таму додаваат оти при девастирачките работи со багери, оштетени се неколку ровови и повеќе неолитски куќи, а исфрлени се и илјадници остатоци од керамички садови, фигурини, алатки и др.
„Благодарение на резултатите добиени од геомагнетното скенирање може да се увиди кои делови од локалитетот се уништени и оштетени, што претставува несовесно и намерно остранување на евидентни археолошки содржини. Направениот укоп за јаглен во источниот дел на локалитетот ќе предизвика натамошен одрон на археолошките слоеви што се наоѓаат до него, како и континуирано оштетување на локалитетот. Ваквото неодговорно уништување на археолошки локалитети е недозволиво, особено што Македонија е потписничка на Фаро конвенцијата иницирана од Советот на Европа, при што државите се заложуваат да го заштитат културното наследство“, велат од Центарот.
Оштетувањето на локалитетот „Влахо“, според нив, веќе предизвикува остри реакции од меѓународните институции и стручњаци кои го осудуваат овој вандалски чин и дава лоша слика за земјата во која не се почитуваат законите за заштита на културното наследство.
„Најновите сознанија за локалитетот „Влахо“ неодамна беа публикувани во угледното научно списание „Антиквити“ кое го издава Универзитетот во Кембриџ. На тој начин, на врвно светско ниво се афирмираа извонредните обележја на оваа неолитска населба, односно нејзиното основање околу 6400 години п.н.е. и присуството на десетина ровови, што го прави овој локалитет еден од најстарите во неолитот во Европа и мошне редок поради својата просторна организација. Од тие причини, неопходно е „Влахо“ кај Живојно да се заштити и да се прекине неговото целосно уништување во иднина, а воедно и да се овозможи негово темелно истражување поради значењето што тој го има“, истакнуаваат од Центарот за истражување на предисторијата.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сончево и топло со мала до умерена облачност, попладне изолирана нестабилност – Временска прогноза за 7.5.2024

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 05.05.2024

Дејан Дејан

Им дал 25.000 евра, но наместо торба полна со денари, му дале торба со ливчиња – скопјанец наседнал на измама од двајца странски државјани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе