Вести Македонија Најважни

ТИРЗ Тетово склучиле договор за јавно-приватно партнерство кој наместо 35 години, ќе трае 96

ТИРЗ Тетово склучиле договор за јавно-приватно партнерство, кој ќе трае 61 година повеќе од  дозволеното. По 10 години, државниот Завод за ревизија (ДЗР), конечно, направи контрола на работењето на Технолошко индустриските развојни зони.

Во извештајот на ревизорот се наведува дека ТИРЗ Тетово наместо на 35, договорот со приватниот партнер го склучиле на 96 години.

„Врз основа на Одлука од Владата на РСМ со ЈПП основана е ТИРЗ Тетово, при што договорот за ЈПП со приватниот партнер е склучен на 96 години, иако со законската регулатива е определено максималниот период да изнесува 35 години, сметано од денот на склучување на договорот. Дирекцијата во ТИРЗ Тетово има распоредено 7 лица, при што истите немаат работни обврски и не извршуваат активности поврзани со реализација на договорот за ЈПП, ниту се членови во наведената стручна единица , чија задача е да врши надзор и да помага во обезбедувањето на успешна имплементација на проектот. Овие состојби влијаат на законитоста и регуларноста на склучувањето на договорот за ЈПП и следење на неговата реализација“, се вели во ревизорскиот извештај.

Договорот за концесија на Тетовската економска зона е склучен во јануари 2013-та со конзорциумот „Нормак“, составен од 4 норвешки и една американска компанија. Во извештајот се наведува и дека освен што е отежната контролата, не се овозможува и целосен увид за доделувањето на државната помош по корисник во земјава.

„Доделувањето на државната помош е регулирано со комплексната законска регулатива, при што со ревизијата е констатирано дека одредени правни одредби не се прецизни, не се донесени подзаконски акти, а распределените надлежности во неколку државни органи, ја отежнуваат контролата и координацијата и не овозможува целосен увид во вкупно доделената државна помош по корисник во државата“, стои во извештајот.

Констатирано е и дека државната помош се доделува без проценка на исплатливоста за утврдување на нејзиниот износ, без утврдена методологија за доделување, односно со преговарање помеѓу овластените лица во Дирекцијата и корисникот на индивидуалната помош.

Најмногу државна помош е исплатена во 2021-ва година, околу 24,5 милиони евра. Половина од овие пари се директна помош за компаниите, половина се царински и даночни олеснувања за инвеститорите во слободните економски зони.

Со извршената ревизија и анализа на Годишните програми на Владата во периодот од 2017 до 2022 година, констатирано е дека активностите за привлекување на странските инвестиции во овој период не се вклучени во стратешките приоритети на Владата и за истото не е донесена Стратегија за привлекување на  инвестиции, како што предвидува Законот.

Исто така, утврдено е и дека основани се и зони кои не се функционални, а во кои од буџетот на ТИРЗ вложени се средства за инфрастуктура и експропријација на земјиштето. Потрошени се 6,4 милиони евра за нефукционални економски зони, а најголеми такви вложувања се во зоните Гевгелија, Кратово и Делчево.

Дирекцијата има 18 судски постапки, а во 12 предмети таа е тужена страна. Најголемите тужби против дирекцијата се за експропријација и тужителите бараат исплата на над 166 милиони денари односно 2,7 милиони евра за имотот кој бил искористен за слободните економски зони. Ревизорите предупредуваат дека губењето на судските случаи кои сè уште се во тек, може да предизвика финансиски импликации врз буџетот на Дирекцијата за слободни економски зони.

Ревизијата го опфаќа периодот од 2015 до 2021 година, а ТИРЗ има пораво до средината на месецот да  одговорат на забелешките кои се наведени во извештајот на државниот ревизор.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе