Вести Македонија Топ вести

Половина век смрдеа во домовите на драчевчани најблизу до депонијата со линдан од ОХИС

Тивко и мирно е во скопско Драчево. Врева нема ниту на детското игралиште. Денот на драчевчани си врви како секогаш, а една работа веќе половина век не е сменета.

Лошата миризба или смрдеа како што велат жителите, им е гостин во домовите со децении наназад. Ниту затворени врати и прозорци не спречуваат да мириса како на запалени гуми во куќите на семејствата со пензионери, но и мали деца – кои се најблизу до депонијата со линдан на Пеленица.

Само еден рид и козја патека ги дели луѓето од излетничкото место и полјаната којашто крие линдан, стаклена волна и други заборавени хемикалии.

„Да ви кажам право – и прозорец и врата и сѐ затворам и во собата ми мириса како да гори нешто. Мириса како да е запалено нешто. Па морам и да луфтирам. Не се плашам за здравјето, имам 70 години и не се плашам воопшто, но греота е за внуците, синовите и снаите“, вели жител на с. Драчево.

 

„Знам дека истоварале таму линдан на времето, а друго не знам ништо. Се чувствува чудна миризба понекогаш, но тоа зависи од временските услови надвор. Силна е миризбата, отров“, вели друг жител на с. Драчево.

 

„Сигурно тука на Пеленица го носеле отпадот. Пеленица е во близина. Навечер чувствуваме дека има некаков мирис како на запалени гуми, како отпад некој“, нагласува нивна сосетка.

Денес депонијата со линдан е заградена, камионите ги нема и не се трага по отровите и остатоците. Хемичарите ги завршија теренските активности, примероците се собрани и сега на ред е потрагата по многу важни одговори.

„Екологистите и стручните лица стравуваат дека линданот којшто педесет години тлее во почвата кај драчевска Пеленица, веќе има извршено силно влијание на нивите и земјоделските производи, а со тоа директно е засегнато и здравјето на луѓето.“

Пред три години, Македонското еколошко друштво направи анализа на јавната свест кај граѓаните. Колку драчевчани, но и оние од другите околни населби се свесни за отровите што ги имаат во воздухот и во чиниите.

Во анализата, дури 68% од испитаниците одговориле дека не знаат што е тоа линдан, а доминираат и оние кои воопшто не се информирани за еколошките ризици во областа во која живеат. Анализа и одговори, за кои и ден-денес виси прашањето – дали нешто е сменето.

На пазарот во населбата Драчево е живо секој ден, се нудат земјоделски производи за кои никој не се запрашал со каков квалитет се и дали се зафатени од деривати на отровните хемикалии.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Ќе ја вика Македонија, пред табла Северна Македонија, зашто нема Јужна Македонија, Силјановска за уставното име, а Пендаровски вели секој си има свој став, ама во дипломатијата има протестни ноти

Дејан Дејан

Скопјанец паднал во отворена шахта во центарот на главниот град

Дејан Дејан

Силјановска Давкова: Она што се случува денеска е резултат на тоа што ветингот беше само реторика

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе