Вести Македонија Топ вести

Џафери: Пцовките не беа кон вработените, туку кон нивниот однос кон работата што ја имаат

На собраниските службеници местото им е на работа среде работното време, а не на кафе на улица Македонија.

Вака коментира собранискиот спикер Талат Џафери, откако беше снимен како со погрдни зборови им се обраќа на вработените во Службата.

Снимката која излезе во јавност е од пред речиси две недели. Реакции имаше многу, а Џафери вели – нема објаснување и додава дека не чувствува потреба да се извини.

„Ако некој мисли дека ќе ја пуштам службата да не работи, се лаже. Имаат осум часа работно време и толку треба да се на работното место”, кажа Џафери на брифингот.

Пцовките не беа кон вработените туку кон нивниот однос кон работата што ја имаат, а не како што сугерира опозицијата, тврди Џафери.

Додава дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ којашто ја блокира работата на Собранието, треба да води сметка за тоа што самите тие го направиле, а не да оценуваат дали претседателот го прекршил етичкиот кодекс.

Опозициските пратеници и денес како и досега, бараа одговорност од Џафери за навредливите зборови.

Во меѓувреме, пратеници од владејачкото мнозинство не го осудуваат спикерот за поведението.

Образложението е – да се почека и да се види, дали тој има вина за однесувањето.

„Прашање: Како ќе се однесувате ако сега јас вас ве опцујам?

 

Одговор: Па, ќе побарам да ми се извините.

 

Прашање: Сметате ли дека господинот Џафери треба да им се извини на службениците?

 

Одговор: Па, сигурна сум дека тој тоа веќе и го направил. Да утврдиме најпрво што е причината за таквото однесување. Еве, јас ќе ви кажам дека претседателот на ова Собрание, господинот Талат Џафери реално и искрено, од страна на службите е еден од најпосакуваните претседатели досега, бидејќи многу се залага за нив“ е дел од изјавата на Даниела Маркоска, пратеничка од редовите на СДСМ.

Ова не е лов на вештерки, туку вработените направиле грешка со тоа што доставиле погрешни материјали за седницата, кажа спикерот на брифингот со новинарите.

Неизвесно е дали ќе се поведе дисциплинска постапка против службениците, но за случајот е покрената соодветна процедура во Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и материјалот е процесуиран.

Џафери засега одбива да коментира дали има основ за негова суспензија.

Потенцира дека со Деловник за работа се пропишани надлежностите, а собраниската служба треба да создава услови за непречено одвивање на седниците, затоа што Собранието има создадено услови за нивно работење.

Лани се набавени 100 компјутери за конкретната служба.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Велигден-Христос Воскресе, Навистина Воскресе

Дејан Дејан

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе