Формирање на независна палестинска држава во замена за положување на оружјето. Тоа е условот на Хамас за долгорочно примирје со Израел на пет и повеќе години, но и нејзино трансформирање во политичка партија. Калил ал Хаја, висок претставник на палестинската милитантна група, истакна дека меѓу хамасовците постои расположение и за здружување со Палестинската ослободителна организација на чие чело е ривалски Фатах за формирање на заедничка влада за Западниот брег и Појасот Газа.
Хамас, како што потенцира Ал Хаја, ќе прифати целосно суверена палестинска држава долж границите со Израел пред 1967 година и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции. Ако тоа се реализира, тој тврди дека военото крило на Хамас ќе се распушти.
Концептот две држави е решение за мир на Блискиот исток што го заговара и меѓународната заедница. Меѓутоа, не и владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој не се откажува од намерата за офанзива и на Рафа на југот на Газа, која, според него, е неопходна за конечна победа над Хамас.
Војната меѓу Израел и Хамас почна на 7 октомври лани, со напад на палестинската група на израелска територија. Притоа беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а 250 беа земени како заложници и повлечени во Појасот. Израелскиот одговор беше воздушна кампања и копнена офанзива на енклавата, пришто оттогаш загинаа над 34.000 Палестинци, повеќето жени и деца, а последица на тоа беше и раселување на 80 отсто од населението во Газа.
Сашко Димовски