Вести Македонија

Забелешки за „лажни“ изјави од македонски политичари во изборната кампања – бугарското МНР ја повика македонската амбасадорка во Софија

Предупредување од Бугарија за предизборната реторика во Македонија. Македонската амбасадорка во Софија вчера била повикана во бугарското МНР за искажани коментари и според бугарското Министерство, лажни изјави од македонски политичари за Бугарија. Притоа Бугарија ја повикува македонската политичката елита да покаже потребната политичка зрелост и конструктивен придонес во спроведувањето на обврски преземени во 2022 година и строго почитување на Договорот за добрососедство.

„Министерството за надворешни работи категорично се противи на обидот Бугарија и нашите билатерални односи да се вклучат во внатрешната политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања“, се наведува во реакцијата на бугарското МНР.

Притоа во соопштението на бугарското МНР се наведува дека Софија секогаш имала конструктивен тон кон Македонија, со воздржување од провокации, за да можеле да се спроведат потребните реформи во земјава.

„За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не се разбрани и ценети од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како изговор за недостигот на напредок пред своите граѓани“, се наведува во реакцијата на бугарското МНР.

Во соопштението не се наведуваат имињата на кои македонски политичари се однесува реакцијата.

Телма побара информација од македонското МНР за чии и кои изјави реагира бугарскотот МНР, но досега не добивме одговор.

Бугарските медиуми, пак, објавуваат дека станува збор за изјави на шефот на македонската држава и кандидат на СДСМ за нов мандата за претседател, Стево Пендаровски. Дополнително, дипломатската реакцијата уследи откако партијата ВМРО-БНД на Ангел Џамбаски, побара Софија да реагира на, според неа, говор на омраза кон бугарската држава, од страна на македонскиот претседател.

Како непримерни и лажни за Бугарија притоа се цитира изјавата на Пендаровски во која тој вели дека на Бугарија и се дава несразмерно големо влијание на ниво на ЕУ кога некој вели дека преговарачката рамка со Унијата е „бугарски диктат“, но и неговиот коментар на ВМРО-ДПМНЕ за вклучување на Македонците во бугарскиот Устав, при што рече дека македонското малцинство во Бугариија е малтретирано со децении и децении, 70-80 години минимум и кое поминало страшни тортури и голготи.

На соопштението на бугарскотот МНР реакција стигна од шефот на македонската држава.

„Во однос на коментарите кои се однесуваат за постоење на македонско малцинство во Бугарија, се работи за факт кој е потврден и со одлуките на судот во Стразбур“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

Притоа од таму се наведува дека ставот на претседателот Пендаровски, и во минатото и сега, е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања, со оглед дека Македонија претендира да биде дел од ЕУ каде што заедно со соседна Бугарија ќе биде упатена на уште поголема соработка.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе