Вести Македонија

ДСЗИ чека одлука од министерот за здравство за да почне со забрана за прием на невакцинирани деца во градинките

Речиси месец дена по прогласување на епидемија на пертусис во Скопје, кога за само 48 часа имаше потврдено 21 случај, надлежните институции си ја префрлаат одговорноста за конкретни чекори во градинките, и покрај тоа што бројот на новозаболени секојдневно расте.

Според Младеновска, од самиот старт на епидемијата, контрола врз вакциналните статуси на децата врши Министерството за труд и социјална политика. Државниот и здравствен санитарен инспекторат (ДЗСИ) нема надлежност при редовните инспекциски надзори да го проверува вакциналниот статус на децата. Сега по препораката на Комисијата за заразни болести ДСЗИ да започне со вонредни инспекциски надзори во градинките и да издава решенија за забрана за прием на деца кои се невакцинирани или делумно вакцинирани, ДСЗИ чека Министерство за здравство да даде зелено светло.

„Да, ќе го чекаме налогот од министерот за здравство, согласно препораките кои се дадени од Комисијата за заразни болести, сепак министерот е над сите нас и треба да даде одговор дали ги прифаќа препораките и да донесе одлука ДСЗИ да врши инспекциски надзор. Исто како што беше во 2019-та кога имавме епидемија на морбили“, изјава Рената Младеновска, директорка на ДСЗИ.

Во меѓувреме, министерот за здравство Демири ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести. Ќе наложи на ДСЗИ да постапува согласно законските надлежности предивидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, увид во вакциналните потврди кои се обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против голема кашлица.

На 8 февруари Центар за јавно здравје Скопје прогласи епидемија. Според професор Даниловски надлежните институции требало да реагираат многу порано, доколку знаеме дека големата кашлица е втора најзаразна болест на планетава, на прво место се морбилите, вели тој.

„Според Законот за здравствена заштита, Центарот за јавно здравје има ингеренции автономно да прогласи епидемија и потоа да ги информира Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и ДСЗИ. Врз основа на таквото информирање од страна на ЦЈЗ Скопје инспекцијата требала веднаш да постапи по таа нивна информација“, изјава проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог.

„Знаете едно е да кажете вие засилен инспекциски надзор на градинките, а друго е да апострофирате дека постојат јавни и приватни градинки. Тоа значи дека сите треба да подлежат на тој надзор. Ова намерно го велам затоа што јавна тајна е дека во приватните градинки не се бара потврда за вакцинација кај децата и мислам дека тоа и понатаму трае“, додава Даниловски.   

Доколку ригорозно не се спороведат мерките на Комисијата за заразни болести многу веројатно е да ескалира ситуацијата, смета Даниловски. Глобите за родителите што не ги вакцинирале своите деца согласно календарот за имунизација се движат од 300 до 650 евра. Но според Младеновска многу поважно е како завршуваат дел од тие процеси, има  родители кои се сложуваат и ја плаќаат казната, но детото повторно останува невакцинирано.

„Уставниот суд уште во 2014-та оцени дека правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите. Па и Хелсиншкиот комитет за човекови права исто дека оправдано е да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие што спречување е во интерес на општеството воопшто“, потсетува Даниловски.

Според последните податоци расте бројот на новозаболени со пертусис и морбили и во земјите од регионот.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе