Вести Најважни Свет

Навални погребан во Москва со звуците на Френк Синатра и „Терминатор“ – полицијата апсеше по погребот

Алексеј Навални попладнево е погребан во Москва. Tелото на рускиот опозициски лидер беше откриенo во црквата „Икона на Богородица“, а до неговото вечно почивалиште на Борисовските гробишта беше придружувано од илјадници луѓе кои за време на поворката скандираа „Путин убиец“, „Русија без Путин“ и „Русија ќе биде слободна“. Во позадина на самото спуштање на ковчегот во земја се слушаше инструментална верзија на нумерата „Мојот пат“ од Френк Синатра, како и музиката од „Терминатор“, најдобриот филм на светот за Навални. Медиумите пренесуваат дека полицијата трпеливо чекала да заврши погребот по што тргнала во апсење на оние кои ги извикувале спорните пароли.

Парастосот и погребот се спроведоа под силни мерки за безбедност. Околу црквата и гробиштата беа поставени метални огради, безбедносни камери… Двата простора се најдоа во полициски обрач од рано изутрина. Полициски припадници проверуваа документи и лични работи на минувачите, а на тие подрачја биле оневозможени мобилните услуги.

Неколку часа пред церемонијата, стотици луѓе формираа долги редици пред црквата за збогување со рускиот опозициски лидер. Меѓу нив и амбасадорите на САД, Германија и Франција. Кремљ предупреди дека секое недозволено собирање за критичарот на политиките на претседателот Владимир Путин, ќе се смета за кршење на законите.

„Ова е огромна загуба. Наше најдлабоко сочувство до мајката, затоа што не секој човек може да го издржи тоа, на неговата сопруга и на неговите деца. Изгубивме многу“, изјави Светлана Петрова, жителка на Москва.

Дојдов овде од Калининград, затоа што за мене денешниот настан е многу тажен, но и многу важен, затоа што секој што дојде овде денеска е човек кој ја исполнува својата граѓанска должност, кој не се плаши да изрази тага, иако сега тоа е забрането во нашата земја. Затоа што Алексеј, за секој што е овде денеска, и за многумина кои не се овде денеска, кои не се осмелиле да дојдат овде, е личност која не само што го даде животот во борбата за нешто, туку и кој го даде својот живот во борбата за нас“, рече Надежда Иванова, жителка на Калининград.

Телото на Навални претпладнево било предадено на семејството. Но, како што напиша неговата портпаролка Кира Јармиш на платформата Икс, тие се соочиле со проблем во организацијата за возило за пренос на телото на Навални до црквата, бидејќи непознати луѓе се јавувале по мртовечници и се заканувале.

Навални беше еден од најжестоките критичари на Кремљ. Во 2020 година преживеа обид за труење. Беше лекуван во Германија, а по враќањето во родната земја беше уапсен од руските власти.

„Знам кој сакаше да ме убие. Знам каде живеат. Знам каде работат. Ги знам нивните вистински имиња. Ги знам нивните лажни имиња. Имам нивни фотографии“, изјави Алексеј Навални, руски опозициски политичар во декември во 2020 година.

Почина на 16 февруари, во казнена колонија на Сибир која важи за една од најлошите во рускиот затворски систем. Таму издржуваше вкупна затворска казна во траење од 30 години по обвиненија за неколку дела, меѓу кои основање и финансирање на организација која властите ја сметаа за екстремистичка.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – Изборна хроника 04.05.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе