Култура

По три години финишира проектот Balkan Translations Collider

По три години бројни активности поврзани со соработката на различни чинители на издавачката сцена во неколку балкански земји во декември 2023 година завршува меѓународниот проект Balkan Translations Collider, чиј македонски партнер беше издавачката куќа „Готен“.

Проектот што започна во јануари 2021 година беше инициран од фондацијата „Некс пејџ“ од Бугарија, а беше реализиран во соработка со „Готен“, „Аргх“ од Србија, „Поетека“ од Албанија, „Сандорф“ од Хрватска и Општината Подгорица, како тригодишна иницијатива поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Главната цел на проектот беше да го поттикне создавањето книжевни врски и подобра меѓународна соработка помеѓу земјите од Западен Балкан и земјите од Европската Унија. Проектот посветуваше внимание на инфраструктурата што постои во процесот на претставување на книжевните дела при преведувањето и запознавањето со нова публика. Затоа беа организирани низа активности поврзани со вмрежување и комуникација на различни организации, издавачки куќи, уредници, фестивали, саеми на книга, како и други професионалци од областа на книжевноста и издаваштвото. Посебен акцент во проектот беше поставен на улогата на книжевните менаџери како важен чинител во размената и циркулацијата на авторите и книжевните дела на меѓународно ниво.

Главните три столба на проектот беа: изработка на студии за состојбата на книжевните преводи на автори од Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово на европските јазици, организирање академии за книжевен менаџмент и промоцијата на преводите, како и организирање студиски престои на професионалци од областа на литературата во различни организации од Европската Унија.

Студиите за преводите на книжевностите на европските јазици беа изработени од локални експерти, а освен прикажувањето на состојбата со преводите на конкретните дела, студиите ги прикажуваат и трендовите во книжевниот превод, се обидуваат да ги откријат причините за успешните приказни и донесуваат препораки за чинителите на културните политики во секторот книга. Сите препораки беа преставени пред домашната јавност, и преведени на англиски јазик.

Во рамки на проектот, беа организирани две сесии на Академијата за книжевен менаџмент и промоцијата на преводите. Првата сесија беше одржана во 2022 година во Струга, а втората беше одржана во 2023 година во Драч, Албанија. Двете сесии на Академијата собраа повеќе од педесет професионалци од областа на книгата од Балканот и Европската Унија. Учесниците на Академијата имаа можност да дискутираат за промоцијата на книжевните преводи, да стекнат конкретни познавања за тоа како се претставува одредено книжевно дело пред странски издавачи, заеднички да ги истражуваат новите трендови и решенија во промоцијата на литературата од „помалку користените јазици“, да се запознаат со локалната книжевна сцена. Меѓу говорниците на академијата беа Владислав Бајац, писател и уредник, Рената Замида, менаџер во културата, Деа Видовиќ, директор на фондацијата „Култура нова“, Андреј Ловшин, проектен менаџер на мрежата „Традуки“, Агата Етманович од фондацијата „Импакт“ од Полска итн. Главните теми на академијата беа поврзани со меѓународната комуникација и промоција на преводите, културната политика и културната дипломатија при „извозот“ на книжевните дела, дигиталниот маркетинг и развојот на публиката, работата на јавните фондови за поддршка на превод итн.

Во завршувањето на Академијата, на дел од учениците им беше понудена можност да добијат стипендија за престој во некоја организација од Европската Унија, со цел да стекнат нови искуства за начинот на работата на овие организации и да воспостават мрежи на соработка. Шест професионалци од Србија, Северна Македонија и Албанија беа на еднонеделен престој во организации во Германија, Хрватска и Словенија.

Како еден вид меѓународно заокружување на проектот, во рамки на Саемот на книга во Франкфурт беше организиран настанот „Повеќе од една патека? Современата балканска литература во превод“ на кој беше претставен проектот и прашањата поврзани со преводот на литературата пишувана на помалку употребуваните јазици. Учесници на дискусијата беа Ерика Џонсон Дебељак, писателка и преведувачка, Елвира Веселиновиќ, книжевна преведувачка, Мигел Роан, директор на списанието „Балканизмос“ и Јана Генеова, основач на фондацијата „Некс пејџ“.

Во трите години од постоењето проектот Balkan Translations Collider покажа дека поголемо присуство на балканските книжевности во странство е можно само преку поголема соработка и меѓународно вмрежување на организациите што работат во полето на промоцијата на книжевните дела, преку зголемување на капацитетите и знаењата на индивидуалците кои го сочинуваат секторот, како и преку постојано инвестирање во „меката“ инфраструктура на овој процес – луѓето, т.е. писателите, преведувачите, уредниците и менаџерите во културата.

Проектот Balkan Translations Collider е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Проектот во Македонија го реализира издавачката куќа „Готен“, во соработка со организациите „Некст пејџ“ од Софија, „Поетека“ од Албанија, Аргх! од Србија, „Сандорф“ од Хрватска и Секретаријатот за култура и спорт – Подгорица (Црна Гора).

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Бојаџиевска: Дубравка Угрешиќ не можеше да ја поднесе бруталната комерцијализација на уметноста

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе