Вести Свет

Напад со дронови врз Москва – оштетени две згради во комплексот „Москва Сити“, повреден е чувар, жртви нема

Украински дронови рано утрово оштетија фасади на две згради во комплексот „Москва Сити“ во Москва. Агенцијата ТАСС наведува дека една од зградите е сериозно оштетена, искршени се прозорците од прв до четврти кат, а повреден е чувар и во една од нив.

На каналот Маш на Телеграм е објавено дека дрон паднал и на друга зграда околу три часот утрово, пришто се оштетени неколку прозорци на петтиот и шестиот кат. На снимките кои кружат низ социјалните мрежи може да се види силна експлозија по уривањето на дронот врз една од зградите по што се слушаат и минувачи кои врескаат во паника.

Уште две други летала се соборени во западниот дел на московската област, во реонот на Одинсово и Красногорск. Руското Министерство за одбрана наведува дека украинскиот обид за напад на објекти во Москва бил осуетен.

Аеродромот Внуково е привремено затворен за полетувања и слетувања, подрачјето околу „Москва Сити“ е оградено, а сообраќајот по една од улиците е блокиран.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин порача дека причинетата штета е мала и дека нема жртви во нападот.Официјален Киев сè уште е без коментар по изјавите на руските власти.

Беспилотни летала во повеќе наврати досега ја нападнаа Москва. Пред неколку месеци два дрона ја нападнаа куполата на Сенатскиот дворец во Кремљ. На почетокот на јули неколку беспилотни летала погодија станбени, но и нестанбени згради во Москва.

Украина ноќеска изведе напад со 25 дронови на Крим. Руското Министерство за одбрана соопшти дека 16 од беспилотните летала биле уништени, а девет биле неутрализирани со електронски системи и завршиле во Црното Море.  додавајќи дека нема жртви.

Официјалне Киев на почетокот на јуни почна контраофанзива члија цел е враќање на териториите кои ги освои Русија. Во плановите на украинските сили е враќање и на полуостровот Крим, кој е под контрола на Москва од 2014 година.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска беше во Санкт Петербург на одбележување на денот на морнарицата. На смотрата на воени бродови и нуклеарни подморници најави дека руската морнарица ќе добие 30 нови бродови од различен тип до крајот на оваа година.

Говорејќи за прекинот на огнот во Украина на самитот „Русија – Африка“, Путин рече не бега од мировни преговори, но нема да ги прифати додека украинската војска е во офанзива. И Русија и Украина претходно порачаа дека нема да седнат на преговарачка маса додека не бидат исполнети нивните услови. Украина бара да се врати на границите од 1991 година на што Кремљ жестоко се противи. Од Москва, пак, одговараат дека Киев мора да ја прифати новата „територијална реалност“ за да се дојде до преговори.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Палевски во посебен оддел на затворот во Шутка каде се и останатите осомничени за убиствата на Вања и Жежовски

Дејан Дејан

Благодарност од Лога до турските власти за екстрадицијата на Палчо

Дејан Дејан

Aмерика го предупреди Рајфајзен поради соработката со Русија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе