Вести Свет

„Не сме ние, вие сте“ – меѓусебни обвинувања на Киев и Москва за оштетување на браната Каховка

Меѓусебни обвинувања од типот „не сме ние, вие сте“ разменуваат Киев и Москва по оштетувањето на браната Каховка, утрово на југот на Украина. Водата која неконтролирано истекува од акумулацијата Каховка поплави многу населени места во и околу Херсон, а во критичната зона и под опасност од поплави се наоѓаат 24.000 луѓе. Локалните власти го евакуираат населението, а во реонот на Нова Каховка е проглесена вонредна состојба. Инцидентот го осуди Европската Унија за чии претставници нема дилема дека станува збор за нов пример на „варварска агресија“ на Русија.

„Ова е нов знак на ескалација, ужасен акт кој ја потврдува варварската природа на руската агресија на Русија врз Украина, без преседан“, изјави Петер Стано, портпаролот на Европската комисија на прес-конференција во Брисел.

За британскиот министер за надворешни работи, Џејмс Клеверли, намерните напади на цивилна инфраструктура се „воено злосторство“. Украинскиот премиер Демир Шмихал, пак, објави дека 80 населени места се под опасност од поплави. Официјален Киев го впери прстот кон Москва за утринското оштетување на браната на реката Дњепар која ги раздвојуваше руските и украинските сили во Херсон.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пак, за уништувањето на браната ја обвини Украина. Според него, таквиот чин бил насочен и кон намалување со водоснабдување на полуостровот Крим, но и за дефокусирање на јавноста од, како што нагласи, големата офанзивна акција на украинската војска пред два дена која не ги постигнала целите.

Браната Каховка е изградена во 1956 година и се наоѓа најјужно од шесте хидроелектрани што се изградени долж реката Дњепар за време на советскиот период. Од Каховка, низдолжно постои канал кои води до Црното Море. Браната е висока околу 30 метри и широка околу 3.200 метри и содржи отприлика идентично ниво на вода како и Големото солено езеро во американската сојузна држава Јута.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: Да си ја сакаме државата, ближниот и да направиме се утре да биде подобро од денес

Дејан Дејан

Ковачевски: Добрината и мудроста да бидат нашиот патоказ, храбрите одлуки секогаш носат успех

Дејан Дејан

Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе