Вести Свет

Високо доверливи документи за војната во Украина протекоа на гејмин форуми

Расправија на форум платформата Дискорд, популарна меѓу гејминг заедницата, покрена истраги од страна на Пентагон и американското министерство за правда, поради протекување доверливи документи кои се однесуваат на војната во Украина, но и документи кои го откриваат опсегот на американското шпионирање на своите сојузници. Голем дел од информациите, особено за војната во Украина, се веќе официјално објавувани, но дел се однесуваат на долго очекуваната пролетна офанзива на Украинците.

Меѓу другото, во протечените документи има и потенцијално штетни за Киев информации, како листа со временски рамки кога ќе биде потрошена муницијата со која располага украинската армија, како и кога се очекува да пристигнуваат испораките на западно оружје и муниција, но и детални извештаи за големината на баталјоните и нивната подготвеност пред најавената офанзива. Во нив има и предлози како да се максимизира ефикасноста на западното оружје, преку комбинација на различни воени средства врз основа на висок, среден и мал дострел.

Во еден од документите се тврди дека украинскиот претседател Володимир Зеленски на почетокот на фебруари годинава предложил воздушен напад врз регрутните центри на руската армија во областа Ростов, што се смета за причина за одбивањето на САД да ѝ испорача на Украина оружје со висок дострел.

Очекувано, во протечените документи се открива и колку длабоко во руската армија и групата „Вагнер“ продреле американските разузнавачи, затоа меѓу документите има мапи со детални насоки каде, кога и кои средства Русите ќе напаѓаат во Украина. Нотирано е засилено регрутирање од страна на Вагнер во руските затвори, посочувајќи дека покрај тоа што групата ги надополнува загубите во Украина, планира и да го зголеми своето присуство во Африка и Хаити. Голем дел од тие информации се добиени преку пресретната електронска комуникација, поради што американските разузнавачи сега очекуваат Русија да направи промени и да ја зајакне безбедноста на своите комуникации.

Најголемото протекување доверливи информации од САД изминативе години покажува и како Вашингтон ги шпионира и своите најблиски сојузници, меѓу кои Израел и Јужна Кореја. Во извештај од ЦИА се вели дека израелската разузнавачка агенција Мосад ги поттикнува антивладините протести во Израел, што предизвика жестока реакција од владата во Тел Авив. Во друг документ пак е детално опишана дискусија помеѓу двајца членовуи на јужнокорејскиот национален совет за безбедност, во која тие разгледуваат начини како да ѝ достават оружје на Украина без да ја прекршат јужнокорејската политика на неиспроачување оружје на земји во војна.

Објавата која го разбуди интересот на конвенционалните и неконвенционалните медиуми кои се занимаваат со војната во Украина, беше објавување на неколку фотографии од доверливи документи во подфорум за компјутерската игра Мајнкрафт. Малку подоцна, оваа дискусија се прелева од Дискорд и на други платформи, како Форчан,  Редит, Телеграм и Твитер, пред да биде утврдено дека ова не е прво протекување на наводно официјални доверливи документи за војната во Украина, затоа што првите објави се регистрирани дури во јануари.

Официјални и неофицијални лица од Украина и Русија ја оспоруваат веродостојноста на протечените документи, но извори од Пентагон за „Њујорк тајмс“ потврдиле дека некои од нив се веродостојни.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество – велигденска честитка од претседателот Пендаровски

Дејан Дејан

Најмалку 48 загинати лица и 30 повредени при уривање на автопат во Кина – возач на камион спречи поголем број на жртви

Дејан Дејан

Бернар Арно на врвот, Маск на трето место – листа на милијардери на Блумберг

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе