Вести Македонија Топ вести

Премиерот Ковачевски во Њујорк, Пендаровски во Лондон- меѓународните активности ги празнат владеачките редови во Скопје

Премиерот на владата Димитар Ковачевски ќе биде надвор од државата од утре до сабота најавија од владината прес служба. Ковачевски ќе ја предводи државната делегација на генералната дебата на 77-то Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк во САД. Премиерот ќе оди на пат во придружба на сопругата.

Поради меѓународни активности, во Скопје во понеделник нема да биде присутен ниту Претседателот Стево Пендаровски кој заедно со сопругата ќе јбиде во Лондон на погребот на британската кралица Елизабета II.

Во Њујорк во Обединетите Нации ќе патува и шефот на дипломатијата, МНР Бујар Османи, а на делегацијата ќе и се придружи постојаниот претставник при ООН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски. Дел од делегацијата е и советникот на Ковачевски за надворешни работи Едмонд Адеми.

Ковачевски ќе учествува и ќе се обрати на главната дебата каде тема е „Tрансформативни решенија на испреплетени предизвици“. Тој ќе говори и на Самитот за трансформација на образованието под покровителсто на генералниот секретар на ОН Гутереш и УНЕСКО. Дебатата ќе биде во насока на унапредување на образовните системи во земјите преку реформски процеси кои ќе обезбедат квалитетно и достапно образование за секое дете.

Од владата ја презентираа и целосната програма на посетата на Ковачевски меѓу кои е и средбата со генералниот секретар на Организацијата на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, а премиерот е поканет и ќе присуствува на приеми кај претседателот на САД Џо Бајден и кај градоначалникот на Њујорк Ерик Адам.

Меѓу другите активности на премиерот е и учество на состанок на високо ниво по повод одбележувањето на 30 годишнината од усвојувањето на Декларацијата за правата на лицата кои припаѓаат на национални, или етнички, верски и јазични малцинства.

За време на посетата на Њујорк, Ковачевски ќе одржи предавање на Универзитет Колумбија, каде ќе даде осврт на уникатниот модел на одржлива демократија на Република Северна Македонија, како и економската интеграција и трансформација на земјата. Предавањето ќе се одржи во рамки на серијата говорници и предавања на Форумот на светски лидери каде досега учествувале над 300 претседатели на држави од 85 земји, меѓу кои и премиерот на Хрватска Зоран Милановиќ, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, премиерката на Норвешка, Солберг, премиерката на Финска, Марин. Во оваа серија говорници, предавања имаат одржано и поранешниот претседател на САД Бил Клинтон, поранешната државна секретарка Медлин Олбрајт, поранешниот претседател на Француската Република Никола Саркози, поранешниот генерален секретар на ООН Бан Ки-Мун.

Од друга страна, Бујар Османи ќе се сретне со повеќе свои колеги , најавија од неговиот кабинет.

За време на престојот во Њујорк, Османи ќе учествува на трансатлантска вечера на министрите за надворешни работи на НАТО, организирана од страна на државниот секретар на САД, Антони Блинкен. Воедно, ќе присуствува на состанокот на Јадранската Повелба А5, како и на состанокот организиран од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и Советот за регионална соработка. Покрај тоа, Османи ќе земе учество и на средбата на земјите на Централно-Европската иницијатива (ЦЕИ) и на други важни меѓународни форуми за соработка.

На маргините на овогодишното Генерално собрание, Османи ќе оствари бројни билатерални средби со свои хомолози од земјите членки на ЕУ и од земјите учеснички и партнери на ОБСЕ, во контекст на нашето претседавање со оваа организација, како и со високи претставници од Стејт Дипартментот на САД, а ќе ја искористи приликата да оствари средба и со претставници на нашата дијаспора.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

50 милиони финансиска помош за Македонија од Европската комисија

Дејан Дејан

Во Иран се избира нов парламентарен состав

Дејан Дејан

В недела инаугурација на Силјановска, до 28 мај конституција на новиот парламентарен состав – техничка влада до избор на новата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе