Вести Македонија Најважни

В недела инаугурација на Силјановска, до 28 мај конституција на новиот парламентарен состав – техничка влада до избор на новата

Роковите за приговори за Претседателски и Парламентарни избори до Државната изборна комисија (ДИК) завршуваат вечерва во 19, односно 23:30 часот. ДИК вчера ги објави првичките официјални изборни резултати и вечерва, до 19 часот, до Собранието треба да го достави извештајот за резултатите од Претседателските избори, по што според најавите собранискиот спикер Јован Митрески ќе ја закаже за в недела напладне собраниската седница за инаугурација на новоизбраната претседателка на државата Гордана Силјановска Давкова.

Според изборните резулатите од 100 отсто преброени гласови, што ги објави ДИК синоќа, Силјановска Давкова освоила 561.001 глас, а нејзиниот противкандидат и актуелен претседател  Стево Пендаровски – 251.881 глас. Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмногу пратенички мандати – 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина на СДСМ, 18, Коалиција ВЛЕН, 13, Левица – шест и Движење ЗНАМ за наша Македонија, исто така, шест.

На седницата за инаугурација Силјановска Давкова пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава со што започнува да тече нејзиниот мандат.

По инаугурацијата на Силјановска Давкова, согласно новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај.

Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието, Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на државата, пак, е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

До изборот на новиот владин состав, продолжува мандатот на техничката Влада кој стартуваше 100 дена пред изборите согласно т.н. пржински договор, за надминување на политичката криза од 2015 година. Функцијата на техничката влада беше да обезбеди фер и демократски избори.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Албанија на второто место во светот по баратели на азил до 18 години на 10.000 жители

Дејан Дејан

Врховниот судија Наќе Георгиев уапсен за вмешаност во поткуп од 10.000 евра во врска со случајот на поранешниот градоначалник на Ново Село кој беше фатен во шверц на марихуана

Дејан Дејан

Седница на Судски совет на полноќ – ќе се одлучува за имунитетот на судијата Наќе Георгиев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе