Слабостите во јавните набавки во време на пандемија само ја потврдија лошата пракса на спотврдување на тендерите во јавните институции во земјава. Откако анализата на Центарот за граѓански комуникации обелодени дека ковид јавните набавки и во втората половина од 2021 година се со висок ризик на судир на интереси и корупција, претседателката на Комисијата за борба против корупцијата, Билјана Ивановска, за Телма вели дека таквите слабости не се нешто ново.
„При подготвување на националната стратегија за борба против корупцијата областа јавни набавки сме ја ставиле на високо место, со високи ризици од корупција и сме утврдиле високи слабости. Со други зборови, слабостите во процесот на јавни набавки и пред да биде ковид состојбата. Значи постојат големи слабости“, вели Ивановска.
Антикорупциска за јавните набавки во Национална стратегија за борба против корупцијата утврдила низа од слабости меѓу кои прилагодување на техничката спецификација на одреден понудувач, неправилно утврдени критериуми за финансиска, техничка и професионална способност на економските оператори, но и немање доволно квалификувани и обучени лица во институциите за спроведување тендерска постапка. Утврдила и често влијание на одговорното лице на институцијата врз постапката.
Утврдено е и учество на капитално поврзани компании на ист тендер, договарање на цените меѓу понудувачите, нудење на ниски цени па склучување анекси за повисока цена, голема разлика во понудените цени од фирмите кои учествуваат на тендерите и пазарните цени, но и поништување на постапката поради слабости во тендерска документација, а потоа повторно објавување на истата тендерска документација.
„Исто така сме констатирале дека има одредено влијание и на политиката во јавните набавки. Односно често пати донаторите на политичките партии стануваат добитници на тендерите. Понатаму, имаме ситуации кога крајните сопственици на компаниите кои учетвуваат на тендерите се кријат. Овој проблем би требало да се надмине со софтверот кој што го има управата за финансиско разузнавање коешто треба да не доведе до крајните сосптвеници, да знаеме точно кој е крајниот сопственик којшто се јавува на тендерот“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Според неа слабостите во јавните набавки можат да бидат надминати и со засилена контрола и надзор врза спроведувањето на тендерите и нивната реализација, но и со јакнење на капацитетите на институциите со квалификуван кадар за спроведување на тендерите. Суштинско вели, би било и воведување на база на референтни цени што, како што вели, би овозможило елиминарање на шаренилото од цени кои се различни економски оператори ги плаќаат за исти производ.
Но освен постојаното повторувањето на слабостите во јавните набавки, Ивановска за Телма вел дека постојано се повторуваат и тендерите за набавување на луксузни стоки, за што вчера анализата на Центарот за граѓански комуникации потврди дека што не запрело ни во периодот на кризата со пандемијата. Па така на ковид тендер било набавено службено возило со кожен волан, шест звучници и металик боја.
„Секогаш го потенцирам прашањето дали е утврдена потребата за возилата и кој ќе ги вози тие возила. Значи за кого се набавуваат тие возила. Еве имаме ние одреден број на министри, не може другите службени лица, раководители на сектори да одат со службени возила. А ова пак што се случило са набавка на луксузно возило во време на пандемија, само покажува до каде е алчноста на луѓето, себичноста на луѓето и потребата да злоупотребат. Мислам дека тие луѓе си лечат комплекси. Која какво сака возило, дома нека си купи“, вели Ивановска.
Таа е децидна, не може со службени пари да се купуваат луксузни возила.
Тамара Грнчароска