Вести Македонија

Ковачевски: Граѓаните се најзаслужни за денешниот ден, не постои поголем патриотизам од јасна визија за иднината

Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денеска е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност, рече на прес-конференцијата премиерот Димитар Ковачевски по првата Меѓувладина конференција во Брисел.

Според премиерот, за реализација на оваа стратешка цел, донесени се тешки одлуки кои бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност.

-Граѓаните на Северна Македонија се најзаслужни за денешниот ден. Тие не се предадоа пред ниту еден предизвик, пред планини тешки отстапки и компромиси за да го исполнат својот сон за припадност во европското семејство. Ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, а не да останеме заложници на минатото, рече Ковачевски.

Премиерот појасни дека се донесени патриотски одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата.

-Не постои поголем патриотизам од јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитетот на државата и сите граѓани. Ја донесовме и конечната одлука со која обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и посебност, потенцираше Ковачевски.

Премиерот е дециден дека Европската Унија нè прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености. Ова, како што рече, е обезбедено засекогаш. За овие нешта ниту се преговара ниту ќе се преговара.

-Уверен сум дека од овој процес граѓаните ќе излезат како побендици, дека сите ние заедно ќе излеземе посилни, постабилни и забрзано ќе чекориме напред кон заедничка поперспективна иднина. Уверен сум дека контиунираната помош која Европската Унија ќе ја обезбеди во наредниот период, ќе овозможи македонските граѓани и економија да добијат конкретна и реална поддршка, за европската реалност да ја живееме денес и на вистински начин, рече Ковачевски.

Нашите стремежи, потенцира премиерот, се европските вредности и принципи на слобода, демократија, еднаковст како и владеење на правото. Ние сме, како што рече, природно поврзани со Европската Унија, а од сега и заеднички ќе се развиваме и ќе го развиваме и регионот.

-Градиме пријателство. Посветени сме кон изнаоѓање заемно прифатливи решенија, затоа и сега гордо стоиме рамо до рамо со нашите партнери во Европската Унија. Делиме исти вредности, а од сега ќе делиме и европска иднина, иднина во која сите наши особености, специфики, традиција, култура, обичаи, ќе бидат автентично наши, македонски, споделени со сите наши пријатели во ЕУ. Тоа е она што и нас и ЕУ ќе не направи побогати, појасни Ковачевски.

Тој додаде дека Северна Македонија економски, политички и општествено ќе се развива, а граѓаните ќе имаат повисок квалитет на живот со високи стандарди и почитување на законите.

-Време е за обединување, за заедништво, за оптимизам, за верба во подобро утре. Но, пред се, за посветена работа, за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава, и за ефикасно и брзо интегрирање во Унијата. Време е новото сонце на слободата да изгрее и да ни го осветли патот за храбро, посветено и бестрашно да погледнеме кон иднината, и брзо и одлучно да го оствариме нашиот сон. Време е за нови и заеднички победи, потенцираше Ковачевски.

Хистерија или демократија

Првото прашање по прес конференција беше од дописничката на МИА за последната негова посета на Брисел и нарекувањето на хистерични оние кои го критикуваа предлогот.

-Дали премиерот се уште верува,  како при последната посета на Брисел кога луѓето кои на најдемократски и конструктивен начин го критикуваа францускиот предлог ги нарече хистерични, дали уште се сомнева во валидноста на нивните дипломи и дали можеби планира да ја смири реториката и нападите врз нив поради сомневањето и критиките за предлогот, што е фунадаментално демократско право?

Ковачевски одговори дека сите мислења се земени предвид.

-Како што беше изјавено тука, а и од евро комесарот одлуката беше донесена во Собранието, од претставниците, суверените претставници на народот во Северна Македонија. Го спроведовме процесот на најдемократски и најтранспарентен начин каде што сите засегнати страни во македонското општество беа вклучени. Од политички партии, академски претставници,  претставници на маедиумите, невладини организации, експерти, така што сите дадоа свој и битен придонес со својата експертиза и ги објаснуваа сите аспекти на предлогот кој беше конечно одобрен од Собранието. Ова што е резултат денеска е труд на генерации политичари, експерти и познавачи и навистина им честитам на сите, рече Ковачевски.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе