Вести Македонија Најважни

Има ли „минско поле“ на теренот за преговорите како што тврди Бујар Османи?

Минирање на преговорите со Бугарија, вака денеска двапати се изрази министерот за надворешни работи Османи коментирајќи ги партиските обиди за парламентарна декларација за историски личности, но и предлогот на шефот на историскат акомисија Драги Ѓорѓиев за замрзнување на работата на историската комисија. Јас не им се мешам, политиката и јавноста да не им се меша, но ниту историчарите да не се мешаат во политика порача Бујар Османи кој најавува и рокови за постигнување на резултати во преговорите во области важни за двете држави.  

Политичка декларација во Собранието за историски личности, партии кои сакаат да го минираат процесот на историската комисија, според шефот на дипломатијата Бујар Османи значи политичко мешање во работата на историската комисија, а на тој начин и јавноста дополнително се провоцира за историска расправа.

Обид за минирање на преговорите, двете МНР-а, во Скопје и во Софија виделе и во предлогот на шефот на македонскиот дел во заедничката историска комисија, Драги Ѓорѓиев па затоа реагирале заедно бидејќи историчарите се вмешале во политичкиот дел на преговорите. Ѓорѓиев во Топ Тема на Телма изјави дека можеби е добро историската комисија да ја замрзне работата за да тргнат преговорите во останатите сектори.

-Политичарите да не коментираат историски прашања, историчарите да не коментираат политички прашања. Драги Ѓорѓиев и сите членови можат да коментираат што сакаат за тоа какви погледи имаат кон историјата. Тоа е нивна должност. Ние не треба да ги коментираме, политиката не треба, но историчарите не смеат да зборуваат за процесот што ги дефинира политичките прашања. Замрзнувањето на улогата на Комисијата за историски прашања е минирање на Договорот за добрососедство. Тоа е веќе политичко прашање. Тоа не е содржиско прашање на нивната работа, одговори Османи на прашањето на Телма зошто има заеднички реакции за македонските, а не и за бугарските членови на комисијата за историја.

Историската комисија треба да биде независна но треба да носи и резултати, а според Османи,  во последната година немало придвижување во работата на комисија.

Во составот и работата не се мешам, а резултатите како например за Гоце Делчев ќе донесат одлука за евентуално негово заедничко чествување.

Вчерашното одбележување не е заедничко како што веќе е договорено за 5 историски фигури меѓу кои се носителите на словенската писменост, светците Свети Кирил, Методи и Свети Климент, а историската комисија ќе го каже последниот збор за прославувањето на делото на Делчев.

-Гоце Делчев се уште е во процес на разговори помеѓу Историската комисија што значи не е предмет на тоа официјално заедничко одбележување бидејќи се уште имаме различни интерпретации по однос на улогата на значењето на оваа важна личност за нас, подвлече Османи, вели министерот за надворешни работи Османи.

Османи не кажа кој, но потврди дека еден од најискусните дипломати во МНР е избран за празната амбасадорска позиција во Софија.

Се шпекулира дека станува збор за шефицата на мисијата во ЕУ, Агнеза Руси- но Османи вели дека името е пратено до претседателот Пендаровски кој има законско овластување да го прифати или не- изборот на владата.

Од друга страна Османи најавува и рокови за преговорите, без да каже на кои области конкретно мисли.

-Важно е сите прашања кои ни се важни на нас и на Република Бугарија да бидат меѓусебно поврзани со еден роковник во рамки на еден договорен пакет. Бидејќи сметам дека само на тој начин ќе имаме гаранции дека тука го затвораме определено прашање и нема да разговараме за друго, изјави Османи.

Политичките работи од преговорите ќе се утврдуваат и за една недела кога треба да се сретнат експертски тимови на двете министерства.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прво обвинение за осомничените соучесници, а подоцна и за Палчо

Палевски бара адвокати, Телма ги открива нивните имиња

Дејан Дејан

16 луѓе загинаа, а 36 се повредени во рускиот напад врз областа Харков

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе