Вести Свет Топ вести

Ирак денеска одбележува 20 години од инвазијата на САД – демократија не се наметнува со оружје, смета професорот Пилар

Ирак денеска одбележува 20 години од американската инвазија на земјата. Нападот почна со истрелување на 40 ракети од бродови на САД кон делови на Багдад во кои се наоѓаат државните институции и владата. Ниту 20 години од тогаш нема крај на смртоносното насилство во земјата во која само во февруари се убиени најмалку 52 цивили.

Воено, Ирак немаше со што да се спротивстави на инвазијата од големи размери на коалицијата што ја сочинуваа САД, Велика Британија, Австралија и Полска. Ирачкиот претседател Садам Хусеин беше симнат од власта по само три седмици, а шест недели од почетокот на нападите, на 1 мај во 2003 година, тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш, од носачот на авиони „Абрахам Линколн“, триумфално објави крај на поголемите борбени операции.

Според една американска студија, коалицијата предводена од САД дотогаш истрелала 29.166 ракети и бомби кои уништија поголем дел од инфраструктурата во земјата. Британската невладина организација „Ирак Боди Каунт“ (Iraq Body Count), пак, објави дека животот го загубиле 7.000 цивили. Бројот на загинати, сепак, драстично се зголеми по 1 мај, па вкупниот број е меѓу 200.000 и еден милион, во зависност од проценките.

Една од најголемите лекции на неуспешната ирачка војна од 2003 година е дека со оружје е невозможно да се наметне демократија во друга земја, во што се обидоа американските неоконзервативци, вели Пол Пилар, професор од Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, за Радио Слободна Европа. Тој во времето на американската инвазија беше национален разузнувачки офицер за Блискиот исток и јужна Азија, а како млад војник учествувал во војната во Виетнам.

Пилар го истакнува и подоцнежното признание на тогашниот заменик министер за одбрана, Пол Волфовиц дека оружјето за масовно уништување за кое се тврдеше дека го поседуваат властите во Багдад, а кое никогаш не беше пронајдено, било искористено како повод.

„Главниот двигател на војната беше амбицијата на неоконзервативците да ја искористат смената на власта во Ирак за, како што сметаа, демократска и економска револуција со фокус на слободен пазар во целиот регион“, вели Пилар.

Според него, политичарите како тогашниот американски потпретседател, Дик Чејни и министерот за одбрана, Доналд Рамсфелд, сметаа оти е неопходно САД да користат воена моќ за зацврстување на улога како глобален лидер. Од правна точка, додаде Пилар, инвазијата била во спротивност на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

50 милиони финансиска помош за Македонија од Европската комисија

Дејан Дејан

Во Иран се избира нов парламентарен состав

Дејан Дејан

В недела инаугурација на Силјановска, до 28 мај конституција на новиот парламентарен состав – техничка влада до избор на новата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе