Вести Македонија Топ вести

ФЕНИ е сопственост на доверителот Комерцијална банка, работниците без плата од стариот газда и без информации за судбината

Нови проблеми во најголем произведувач на БДП во државата, ФЕНИ. Опремата и недвижностите во комбинатот ФЕНИ сега се во сопственост на Комерцијална банка, која преку тој имот го наплати долгот од речиси 38 милиони евра. Внатре се уште функционира фирмата „Еуроникел“, но не им дава два месеца плата на работниците. Тие, пак, за да не добијат отказ мора да се отчукуваат на влез секој ден, иако ФЕНИ не функционира.

Сопственик на Еуроникел, а до скоро и на ФЕНИ е инвестицискиот фонд G SOL, регистриран на Бахамите, а во моментот фирмата нема ниту директор. Пет години по затворање на стечајот, што тогаш беше прогласен за најуспешен од страна на владата на Заев и на тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев, ФЕНИ, односно Еуроникел е повторно со долгови, што кулминираше со преземање од страна на Комерцијална банка.

„Комерцијална банка известува дека на 11.12.2023 година во постапка за присилна наплата на побарувања од должникот ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ ДОО с. Возарци Кавадарци, Банката се стекна со сопственост врз недвижен и подвижен имот за вкупна цена од 37.897.993 евра“, се вели во објавата на Македонска берза.

Така актуелната цена на ФЕНИ падна само на помалку од 38 милиони евра. Извори од Комерцијална банка за faktor.mk, изјавиле дека банката сака да си го наплати долгот со продажба на комбинатот, но на првата лицитација не се пријавил никој иако имало заинтересирани.

Од друга страна, работниците немаат никакви информации за своите плати и за здравственото и пензиското осигурување кои што ги немаат добиено за последните два месеци. На тој начин и тие стануваат доверители, но не знаат ниту кога ниту кој ниту како ќе им ги даде платите. Од синдикатот ни рекоа дека никој ништо не им кажува, а тие мора да одат секојдневно на работа и да ги отчукуваат своите службени картички за да не добијат отказ во комбинатот кој ем што не им дава плата, ем повторно е во проблеми.

Според информации на Телма, Еуроникел покрај долгови има и побарувања од државата за поврат на ДДВ во висина од 3,4 милиони евра. Доколку тие пари државата ги исплати на Еуроникел, тие може да се искористат за плати и придонеси на вработените бидејќи големите доверители се согласиле со таков епилог во интерес на вработените.

Пред повеќе од 5 години, во стечајна постапка, судот во Велес го даде комбинатот на G Sol од Бахами, а КОД на Телма во последната емисија објави дека Еуроникел односно ФЕНИ продолжило да работи со загуба изминатите години, но и со исти луѓе кои стоеле и зад првиот пропаднат проект и врз вториот започнат пред 5 години. ДКСК лани во јуни при расправа за предмет за доделена државна помош на ФЕНИ во мандатот на Анѓушев, упатила проценка до надлежните финансиски институции и владата дека поради финансиските проблеми ФЕНИ ќе пропадне за една година. Никој не презел ништо, тврдеше антикорупционерката Билјана Ивановска.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Албанија на второто место во светот по баратели на азил до 18 години на 10.000 жители

Дејан Дејан

Врховниот судија Наќе Георгиев уапсен за вмешаност во поткуп од 10.000 евра во врска со случајот на поранешниот градоначалник на Ново Село кој беше фатен во шверц на марихуана

Дејан Дејан

Седница на Судски совет на полноќ – ќе се одлучува за имунитетот на судијата Наќе Георгиев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе